Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници. Тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква за поддршка во активностите за справување со енергетската криза. Целта е да се намали потрошувачката и да се ослободат повеќе количества на струја за индустријата.
– Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат – рече Бектеши.
Фетаху од своја страна апелираше до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат. Тој најави дека веднаш ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на струја, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.
– Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства, со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидеме заедно со моите соработници и верниците ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата – изјави Фетаху.
Како што информираше Бектеши, неговиот тим денеска разговара со МПЦ за да е одреди термин за средба на оваа тема, а очекува таа да се реализира неделава.