Ивица Боцевски, амбасадор – специјален претставник на Владата при Унгарското претседателство со Европската унија, присуствува на првиот Ден на македонската култура во Будимпешта.
-Организацијата е на извонредната Ана Марија Боја, една од главните двигатели на промоцијата на македонската култура во Унгарија. Ги проследив предавањата на професорите Барта Елек, Љупчо Ристески и Родна Величковска. Одбележувањето започна со практично предавање за македонските танци, одржано од професорката Родна Величковска и во изведба на одликуваната танчерка и кореограф Бешке Тимар. Во моментов зборува легендарниот Ристо Иљовски, дете-бегалец и хроничар на судбините на неговите сотатковинци во Унгарија, која ги вдоми припадниците на една од најтажните македонски приказни на 20 век – напиша Боцевски на Фејсбук.
Вечерта ќе заврши со македонски традиционални танци, песни и гастрономија.