На денешен ден – 10 октомври 1946 година, моштите на Гоце Делчев
се положени во црквата „Свети Спас“ во Скопје
- Сите масовно му оддавале почит на идеологот на македонското револуционерно движење и тоа чествување е едно од најголемите во историјата на современата македонска држава. Македонците на патот од Софија до Скопје секаде масовно му оддавале почит на великанот Гоце Делчев
Од 11 октомври 1946 година жителите на слободна Македонија почнаа да го посетуваат гробот на македонскиот великан Гоце Делчев (1872-1903), откако неговите посмртни останки беа донесени од Софија во Скопје, со што е исполнет заветот Делчев да почива во главниот град на слободна Македонија. Македонците во знак на почит на долгиот пат го носеле три дена, на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, за следниот ден, 10 октомври, неговите коски да бидат положени во саркофагот во црквата „Свети Спас“ во Скопје. На патувањето од Софија до Скопје, цела Пиринска Македонија била на нозе, исто како и Струмица, Штип и сите други места. Коските на Гоце Делчев минувалe низ Горна Џумаја (денес Благоевград), Свети Врач (денес Сандански), Разлог, Банско, Неврокоп (денес Гоце Делчев), Мелник, Петрич во НР Бугарија, а од другата страна, во НР Македонија низ Ново Село, Струмица, Радовиш, Штип и Велес. Сите масовно му оддавале почит на идеологот на македонското револуционерно движење и тоа чествување е едно од најголемите во историјата на современата македонска држава. Македонците на патот од Софија до Скопје секаде масовно му оддавале почит на великанот.
Пренесувањето на коските на Делчев во просториите на Илинденската организација во Софија во 1923 година
Како што е познато, по убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година кај Баница (Серско), Михаил Чаков и Таската Серски во ноќта на Ѓурѓовден во 1906 година се упатуваат скришно во Егејска Македонија, во Баница, за да ги откопаат коските на Гоце и на нивно големо чудење утврдиле дека градниот кош на Гоце сѐ уште не бил распаднат. Биле принудени да ги земаат само черепот, рацете и нозете, кои ќе бидат потопени во шпиритус и ќе бидат положени кај олтарот на црквата во Баница. Го задолжуваат клисарот Никола да ги чува коските. Две години потоа, во 1908 година, клисарот Никола ги откопува градите и ги комплетира коските во сандачето што се наоѓаше во светиот стол на црквата во Баница, сѐ до 1917 година: во текот на двете Балкански војни и Првата светска војна, Баница била трипати палена, а еднаш и црквата во која се наоѓале коските на Гоце, но тие останале целосно неоштетени.
Михаил Чаков стравувал дека црквата повторно може да се најде во опасност, па во 1918 година тајно ги зема моштите и ги пренесува во својата куќа каде што ги чува четири години. Од Илинден до 12 август 1923 година коските стоеле во црквата „Света Недела“ на поклонение, а потоа неколку месеци стоеле на таванот од црквата до коските на Георги Раковски, за конечно да бидат однесени во канцеларијата на Илинденската организација на македонските револуционери – емигранти, кои биле следбеници на идеалите за слободна и независна македонска држава.
Пред ковчегот да биде изнесен од домот на Чаков, на него е запишан следниот завет: „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во столицата на независна Македонија. Август 1923, Илинден“.
Пренесувањето на коските на Гоце од куќата на Чаков кон црквата „Света Недела“ во Софија на 2 август 1923 година е документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм „Македонија во слики“. Филмот бил снимен со средства што ги обезбедила Илинденската организација, а по повод 20-годишнината од Илинденското востание. Филмот бил снимен во два дела, од кои денес е зачуван само првиот. Филмот набргу ќе биде забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924 г., Арсениј Јовков е убиен по наредба на Ванчо Михајлов.

Македонија бара од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во Скопје, во октомври 1946 г.
Предавањето на моштите на Гоце Делчев е одобрено од тогашниот бугарски претседател Георги Димитров. За време на Димитров, кој и самиот потекнува од Пиринска Македонија, во декември 1946 година беше извршен првиот повоен попис на населението во НР Бугарија. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија, 160.541 лица, односно 70 отсто се изјасниле за етнички Македонци.
Беше испратена македонска делегација во Софија да ги донесе коските на Гоце и да го одржи заветот. Македонската делегација предводен од Кирил Петрушев, тогашниот министер за внатрешни работи, имаше задачата да ги донесе моштите на Гоце Делчев и некоја литература од институтот за национална историја, кој илинденците ги имаат во Софија. Македонската делегација беше многу добро примена, од илинденците, централниот комитет на комунистите и други организации. Во Софија беше прифатена идејата дека Гоце е Македонец и треба да оди во татковината. Се оформи документ што беше потпишан. Подготвен беше еден банкет, таа церемонија, целиот тој прием течеше многу добро и на задоволство на македонската делегација. Таму беа свечено предадени моштите на Гоце Делчев од Илинденската организација на делегацијата на НР Македонија, а потоа се формираше долга колона за испраќање на моштите на Гоце низ Пиринска Македонија до Скопје.
Заветoт за Гоце се остварува од 7 до 11 октомври 1946 година, кога посмртните останки на Делчев од Софија при стигнуваат во главниот град на слободна Македонија, пречекани со највисоки државни и воени почести. На тргнувањето од Софија на 7 октомври, интересен говор, на свеченото собрание во софискиот Народен театар по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Народна Република Македонија, одржал Тодор Павлов. Павлов (1890-1977) е еден од највлијателните луѓе во Бугарија по Втората светска војна. Родум од Македонија, долги години претседател на Бугарската академија на науките, филозоф, теоретичар, политичар, а бил и регент на царството Бугарија по капитулацијата во 1944 година. Во долгиот говор, Павлов децидно кажува кој и што бил Гоце Делчев и за што се борел.