Фото: Прес центар на ВМРО-ДПМНЕ

Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата „Само вистини“ на „Канал 5“ телевизија каде се осврна на темите за економијата, враќањето на функционалноста на институциите и ставање на истите во служба на граѓаните, како и покачувањето на платите на просветните и здравствените работници. Според неа, земјата се движи во правилна насока, а потребно е да се работи и во континуитет бидејќи веќе започнатите промени се темели врз кои може државата да се движи напред – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ коешто МИА го објавува интегрално.

– Гледам многу голем напредок, гледам исчекор напред во тие состојби, и гледам дека се дава еден добар индикатор за тоа која е предвидливоста за периодот којшто следи. Во овој момент, сметам дека Македонија е на правилната патека, во правилната насока, и дека мора да продолжиме овие темели кои што ги воспоставуваме денеска континуирано да ги градиме од ден за ден – вели Митева.

Митева се осврна на темата за економијата во земјава и истакна дека има јасни индикатори на стабилизација, а тоа го потврдуваат и меѓународни фактори како ММФ.

– Имаме стабилизација на економијата, имаме четири квартали со 3% раст на БДП, што е добар индикатор дека ќе продолжиме да се движиме во подобра насока – рече Митева.

Митева додаде дека суштинските промени најмногу се гледаат во враќањето на институциите во нивната вистинска улога т.е во служба на граѓаните, по период на нефункционалност и застој.

– Оној систем којшто беше заборавен, каде што имавме нефункционални, ама буквално нефункционални институции, сега го враќаме и сега се става институцијата во служба на граѓанинот – посочи Митева.

Како што вели таа, еден од приоритетите на Владата е подобрување на условите за вработените во образованието и здравството, а тоа се гледа и преку покачените плати на просветните и здравствените работници.

– Можам да набројам дополнителни, еве би ги кажала образованието, здравството и покачувањето на платите кои што ги направивме изминативе месеци како Влада односно 12% за образование, 14% за здравствени работници – истакна Митева и додаде:

– Не смееме тука да застанеме, затоа велам не е едноставна работата. Мислам дека во генерална конотација, работите одат во правилна насока – додаде таа.