ГАК направиле пропуст бидејќи докрај не ја спровеле постапката за обезбедување на психијатар, констатира Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по вонредниот инспекциски надзор во скоска гинекологија каде родилка се фрли од прозорец.
Од ДСЗИ велат дека при надзорот извршен бил увид во основната медицинска документација за пациентката (електронски медицински дневник, историја на болест), како и во Интегрираниот информатички систем Мој Термин. Побарани и добиени биле изјави од здравствени работници и соработници поврзани со лекувањето и третманот на родилката.
– Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Во врска со наведеното ДСЗИ, со решение ќе наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување на постапка за утврдување на одговорност од страна на здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија – велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
По случајот со родилката од ГАК кажаа дека пациентката на Клиниката била донесена во 36. недела од бременоста во средата на 28 јуни со крвавење во последниот триместар од бременоста. Пациентката веднаш била прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и било утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба што витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката била примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција.
Два дена подоцна, како што информираа тогаш од ГАК, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката била следена во согласност со дадените препораки. Следниот ден пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинеколошко-акушерски статус.
Во неделата, повторно на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана била соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра процена на состојбата, пред испис да се повика психијатар. Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за самоубиство фрлајќи се од првиот кат.