Потрагата по последниот исчезнат македонски турист на Халкидики ќе продолжи до неговото пронаоѓање, во неа помага и семејството на момчето, а надеж за успех даваат информациите од вториот пронајден Македонец, како и денешните поволни временски услови, истакнуваат од волонтерската спасувачка служба ОФКАТ, која завчера безбедно го донесе на брегот Иван, кој беше пронајден по повеќе од 17 часа поминати во морето.
Mајката на исчезнатото момче, од САД каде што живее, пристигна во базата на волонтерскиот тим за пребарување и спасување ОФКАТ во Солун, пред нивното заминување за Халкидики.
– Ја напуштив Америка за да дојдам во Грција, за да се обидам да го најдам моето дете. Имам голема вознемиреност и исчекување. Благодарност до сите што ни помагаат. И до властите и до волонтерите. Тимот на ОФКАТ е покрај нас од првиот момент и им благодарам за тоа што го прават. Имаме вера – изјави мајката на Мартин за грчкиот портал „Прототема“.
Морето нема секојпат да донесе „топка за спас“
При денешната потрага најавено е користењето и на подводен дрон.
– Денеска времето ни помага. Ќе го користиме подводниот дрон. Ќе се потрудиме зашто времето утре повторно ќе биде лошо. Со нас ги имаме семејството и македонскиот конзул, тие ќе бидат со нас во операцијата, се надеваме на најдоброто. Мајката на момчето дојде од Америка со други роднини, од вчера е со нас. Нашите напори сега се фокусираат на Мартин. Вчера го видовме Иван, тој е во добра здравствена состојба и денеска ќе биде пуштен од болницата. Иван ни даде многу информации, ни даде точно место, па одиме на конкретна локација. Ако Бог сака да помогне, сѐ ќе биде добро. Мора да завршиме денес – вели Христос Рамос, првиот човек на ОФКАТ.
Волонтерската спасувачка служба нагласува дека при потрагата ОФКАТ не прави поделби помеѓу луѓето и оти единствена цел е исчезнатите да се вратат дома живи и здрави.
– Спасувањето луѓе во ризик е идеја, а идеите не можат да се мерат во трошоци и во работа. Ова е пристапот на волонтирањето што ние го застапуваме. Пријатели, треба да знаете дека во ОФКАТ нема партии, групи, раси, националности, религии и не разликуваме бели од црни, Грци од странци и богати од сиромашни! Спасувањето за нас не е обична професионална обврска, туку завршува кога човекот ќе се врати жив и здрав во својот дом – соопштија од ОФКАТ преку Фејсбук.
Младиот турист и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне, славејќи го роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван, завршија во водата борејќи се за да преживеат. Иван беше пронајден безбеден во неделата напладне, а првиот исчезнат, 25-годишниот Васил, веднаш го лоцирала крајбрежната стража.
Роденденска забава на Халкидики се претвори во кошмар за тројца македонски туристи