Фото: Маја Јаневска-Илиева

Советот на амбасадори на Македонија изразува загриженост во врска со најавената примена на ЕТИАС (ETIAS) системот и посочува дека неговата имплементација во сегашната форма веќе резултира со блокади на граничните премини во земјите од Западниот Балкан и создава значителни економски и оперативни ризици, како за регионот, така и за земјите-членки на Европската Унија (ЕУ).

Во соопштението на Советот се наведува дека иако воведувањето на ЕТИАС е легитимно од аспект на безбедносната и миграциската политика на ЕУ, Советот укажува дека дополнителните административни процедури во услови на геополитичка неизвесност имаат мултипликативен негативен ефект врз трговијата, инфлацијата и конкурентноста на европската економија.

– Во услови на изразена геополитичка неизвесност, нарушени глобални трговски текови и интензивирани напори за зајакнување на европските синџири на снабдување, секое дополнително административно забавување на транспортот од Западниот Балкан има мултипликативен негативен ефект врз трговијата, инфлацијата и конкурентноста на европската економија, директно афектирајќи ги бизнисите и граѓаните од двете страни.  Оттука, ова прашање не е регионално, туку заеднички економски ризик за ЕУ и нејзините најблиски партнери – стои во соопштението.

Во ставот се наведува дека ЕТИАС дополнително ги оптоварува постоечките гранични бариери, како што се долгите чекања, недоволната дигитализација и неусогласената примена на правилата меѓу земјите-членки. Советот оценува дека третманот на транспортните работници од Западниот Балкан со останатите работници од трети земји, не е во согласност со официјалниот статус на регионот како стратешки партнер на ЕУ.

– Истото е спротивно и на заложбите за олеснување на трговијата, економска конвергенција и постепена интеграција на Западниот Балкан во Единствениот пазар, предвидени во стратешките документи на ЕУ за Регионот, вклучително и во Планот за раст за Западниот Балкан од 2023 година. Без изземања или специјален режим за транспортните работници од Регионот, ЕТИАС ја поткопува реализацијата на овие цели, наметнувајќи реален ризик де факто да ја продлабочи економската и регулаторната дивергенција меѓу ЕУ и Западниот Балкан – велат од Советот.

Ја поздравуваат стратегијата на ЕУ за трговската диверзификација и продлабочување на односите со други глобални партнери, но, исто така, нагласуваат дека е неопходна регионална кохерентност, имајќи предвид дека компаниите од Западниот Балкан се вбеќе длабоко интегрирани во европските производствени синџири.

Оттука, Советот на амбасадори ја повикува Европската комисија итно да обезбеди привремено и практично решение, преку преоден период, изземања или воспоставување специјален режим за професионалните возачи од Западниот Балкан, со цел да се спречат понатамошни блокади на граничните премини и нарушување на редовните транспортни текови. Во спротивно, се предупредува дека примената на „ЕТИАС“ во сегашната форма носи не само економски, туку и сериозен репутациски ризик за процесот на проширување и кредибилитетот на политиките на ЕУ во Регионот.