Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Венеција се обрати на свеченото одбележување на 35-годишнината од основањето на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанската комисија), советодавно тело на Советот на Европа.
За претседателката одбележувањето на 35-годишнината, не е само свечен чин, туку нејзино враќање дома, како професорка по уставно право, поранешна членка на Комисијата и како претседателка на држава којашто во сложениот процес на демократска транзиција и консолидација добила помош од Венецијанската Комисија.
-Кога Венецијанската комисија беше основана во 1990 година, светот беше на раскрсница. Многумина од нас ја паметат демократската транзиција како хибриден и контрадикторен период во кој влеговме како „lupus in fabula“. Уставната фаза низ која минуваа пост-комунистичките земји во текот на првата половина од 1990-тите беше наречена од некои автори „уставна револуција“. Во рок од неколку години, беа донесени 18 нови устави. Новиот устав станува инструмент на новиот, демократски консензус. Старите демократии ја понудија својата помош преку основањето на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија). Комисијата започна како заедница од осумнаесет земји, обединети од надеж, неопходност и длабока верба во правото како мост кон мир. Денес, тој круг се прошири на 61 член. Семејството порасна, а со тоа и неговата должност. Тоа не е само консултативно тело кое дава мислења за устави и закони, туку компетентен советник за уставни прашања, чувар на владеењето на правото, медијатор во време на длабока поделба и придружник на народите кои го бараат својот демократски пат – рече Силјановска – Давкова.

Таа се заблагодари за укажаната доверба и самата да учествува во обликувањето на демократските приказни на земјите од Централна и Источна Европа.
Според неа, независноста, експертизата и човечноста во работата, ја прават комисијата уникатно тело, коешто не е само збир на правни умови, туку и жива совест на уставната демократија.
-Мислењата на Венецијанската комисија денес ги обликуваат не само активностите на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, туку и јуриспруденцијата на Европската Унија и работата на меѓународните институции низ целиот свет. Ваквото сеопфатно влијание го одразува длабокото почитување кое што Комисијата го ужива и довербата која продолжува да ја инспирира, рече Силјановска – Давкова.
За претседателката, најсилната страна на Комисијата била и е способноста да гради мостови меѓу истокот и западот, северот и југот, меѓу теоријата и праксата, меѓу правото и самиот живот.
-Кога се роди Венецијанската комисија, таа се засноваше на верба: верба во правото, верба во дијалогот и верба во демократијата. Таа верба нè води со децении. Како и да е, вербата, сама по себе, никогаш не е доволна. Мора постојано да се обновува преку нашата работа, нашата храброст и нашето сочувство. Затоа, додека ја одбележуваме оваа годишнина, да се потсетиме што ја прави оваа институција единствена: нејзината независност, нејзината експертиза и нејзината човечност. Венецијанската комисија не е само тело на правни умови; таа е жива совест на уставната демократија. Нека оваа прослава не биде само размислување за минатото, туку и повик кон иднината, иднина во која Венецијанската комисија, мојата Комисија, продолжува да свети како светилник на интегритет, мудрост и надеж – порача претседателката.
На еминентниот собир, во присуство на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, обраќања имаа претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, претседателката на Венецијанската комисија, Клер Бази Малори и потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани.
За лекциите од транзициите, актуелните предизвици од назадувањето и нашата заложба за иднината говореа Егилс Левиц, поранешен претседател на Република Латвија, Клифтон Грима, министер за образование, спорт, млади, истражување и иновации на Малта, во име на претседавањето на Малта со Комитетот на министри на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Марк Кулс, претседател на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Ивана Јелиќ, потпретседалка на ЕСЧП и Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права на Советот на Европа. Воведно обраќање имаше градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро – стои во соопштението.