Под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ пред Владата трет ден по ред, продолжи протестот против прифаќањето на „француски предлог“ за кревање на бугарското вето и почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Синоќа дел од демонстрантите ноќта ја поминаа пред Влада, барајќи таа да каже НЕ на францускиот предлог, но и државата да оди на предвремени парламентарни избори.
За вечерва опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на најголема масовност, бидејќи како што велат во соопштението утре ќе биде изгласан на Владата т.н. француски предлог.
Според очевидци, дел од граѓаните кои излегле да го изразат својот револт ја пробиле заштитната ограда и со предмети фрлаат кон Владата.
Дел од учесниците на протестот кон владината зграда фрлаа јајца, шишиња, цвеќе,… а откако ја поминаа заштитната ограда се стационираа пред кордонот полицајци. Скандираат „Оставка“ и пеат патриотски песни.
Околу владината зграда е видливо засилено полициско обезбедување.
Протестот што почна завчера официјално нема организатор, но е поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
Протестот доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христија Мицкоски ги повика граѓаните да се приклучат, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.