Владата на вчерашната седница даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за случајот „Сопот“ и исплата на штета на лица поради неоправдана осуда.
– По тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет- се појаснува во денешното соопштение од владината прес-служба.
Во предметот „Сопот“, единаесет лица беа осудени за поставената мина на патот Сушево – Сопот кога на 4 март 2003 година загинаа двајца полски војници на НАТО и еден цивил. Осум години подоцна беше донесена пресудата против 11 лица од селото Сопот.
На 23 април 2015 година СДСМ ја пушти во јавноста „бомбата“ во која се слуша разговор меѓу Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков, од која јавноста слушна дека единаесетмината осудени и одамна затворени македонски граѓани, на кои им се судеше за случајот Сопот се незаконски осудени.