Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски преку неговиот адвокат Сашо Дуковски, побарал Јовче Ременски, да не сведочи во случајот. Но, предлогот за утре да сведочи Фросина Ременски, останува и таа треба да се појави во Кривичниот суд.
Дуковски како бранител на Јовановски побарал од листата на сведоци да се повлечат и бизнисмените Владимир Тодоровиќ и Дејан Панделевски.
Сведоци на денешното рочиште се поранешниот вработен во 1 ТВ, Сергеј Варошлија, сопственик на оптика и пријателка на Јовановски, Марија Јанковска и Александар Кртов.
Одбраната на Бојан Јовановски има предложено 12 сведоци.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.