Во текот на минатите две недели, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  клучеви за моторни возила, рутери, цигари, облека, бижутерија и црковни производи.

Задржана е следната стока:

Клучеви за патнички возила и рутери

– 268 некодирани клучеви за патнички возила и 235 разни чипови за истите, откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во фабрички празнини под предните и пред задното седиште и во рачна торба, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 20 рутери и 10 wi-fi антени, откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените производи, пронајдени во картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 20 штеки цигари RODEO, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари, пронајдени во специјално подготвено скривалиште во подот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 6 штеки цигари Marlboro, без акцизни маркички, и 1.000 метри кант лента, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во кабината над горниот кревет и во прегради под долниот кревет, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека и бижутерија

– 436 парчиња облека и бижутерија откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили.

Во првиот случај, во четири картонски кутии сместени позади предните седишта и на задното седиште на автомобил управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Делчево, биле пронајдени 200 маици.

Во вториот случај, во најлонски кеси сместени на задните седишта на автомобил управуван од македонска државјанка, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце, биле пронајдени 115 парчиња бижутерија (алки, синџирчиња, обетки и прстени), 9 парчиња вметоци за коса, 24 парчиња вештачки трепки и 88 разни кутии за накит.

Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

Црковни производи

– 20 парчиња разни црковни производи (ѕидни лустери, кандила, пехар, свеќници, црковна книга-Евангелие, врв за жезол, теписи, икони во рамки и еден комплет за причест), четири килограми метални топчиња, 20 килограми платно за мантии и 41 килограм темјан, откриени при контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во кабината во преграда над ветробранското стакло и над горниот кревет, како и во сандакот за сместување палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.