Уставниот суд денеска го укина ставот 3 од членот 163 од Законот за банките со кој се овозможува приоритет на побарувањата на Фондот за осигурување на депозити, при прогласување на стечај на банка.
Иницијатива за оценување на уставноста на ставот 3 од членот 163 од Законот за банките поднесоа оштетени штедачи од „Еуростандард банка“, а ставот кој тие го оспоруваа, гласи:
„Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.
Токму на оваа одредба реагираа штедачите и бараа да се измени, односно Фондот да нема приоритет.
– Би сакале да и пренесеме на пошироката јавност дека денес уставниот суд донесе позитивна мериторна одлука по однос на ова прашање. Имено, како што е наведено во извадокот погоре од официјалното соопштение на Судот, истиот со донесената одлука го укина членот 163 став 3 од Законот за банки – велат од здружението „Правда за штедачи“.
Како што соопштуваат штедачите, се работи за многу значајна законска одредба, која во суштина, може да предизвика реформа на законодавството во областа на банкарскиот систем.
Согласно актуелното законско решение, кога банка ќе отиде во стечај, прво се обесштетува Фондот за осигурување депозити, кој, пак, е формиран за да ги обесштети граѓаните со штеден влог до 30.000 евра, што е максимален влог кој е гарантиран со закон. Ако некој има заштеда над таа сума, како во случајот и со „Еуростандард банка“, мора да чека од стечајната маса да му бидат вратени парите.