Се врши увид по несреќата во која товарен воз се излизга од шините кај кумановско Черкезе.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој пристигна на местото на несреќата изјави дека во моментот увидните екипи вршат увид, за да се дознае која е причината за ваквиот настан во кој нема повредени и нема жртви.
– Има материјална штета која што е причинета и која што е евидентна позади нас и која што ќе се утврди дополнително. Причините за овој настан ќе ги утврдат увидните екипи кои што се составени од групи од Железници транспорт и Железници инфраструктура на кои што им асистираат од крим техника од Министерството за внатрешни работи, се разбира и од Основното обвинителство – потенцираше Вицепремиерот Анѓушев за време на изјавите за медиумите.
Тој истакна дека Владата во рамките на своите надлежности, ги презема сите активности во најкус временски рок да се заврши увидот, а потоа ќе се преземат сите мерки потребни за брзо санирање на железничката пруга и повторно оспособување на железничкиот коридор 10.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески потврди дека во несреќата нема повредени лица и дека е предизвикана определена материјална штета, а дополни дека ќе се работи на брзо расчистување на локацијата и оспособување на пругата.
Ирфан Асани, директорот на Железници инфраструктура појасни дека останатиот дел од железницата на релација Скопје-Куманово-Табановце е во добра кондиција, а кусата делница на пругата која е во моментов надвор од употреба може брзо да биде санирана по расчистување на локацијата.
– Екипите од Инфраструктура транспорт заедно со други надлежни лица од останатите институции работат на терен и во најкраток можен рок, ќе излезат со објаснување за тоа што се случи. Паралелно се работи и на расчистување на пругата и ние како Инфраструктура сме спремни, во најкраток можен рок да ја расчистиме и за максимален период од 24 часа пругата повторно да биде пуштена во употреба – изјави Ирфан Асани.