Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хазардните игри постојат речиси откога постои и човекот. Според истражувањата, на човекот и човечкиот мозок тие дејствуваат како дрога, го „полнат“ организмот со адреналин, со возбуда, па оној што веќе влегол во машинеријата, ретко кога може да се оттргне од неа. Напротив, само уште повеќе и подлабоко навлегува и заглавува во овој опасен, а понекогаш и животозагрозувачки лавиринт

Нелегално приредување игри на среќа и илегално обложување во земјава

Илегалното обложување е еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат државните власти. Тоа е сериозна форма на криминал, кој многу тешко може да се открие, бидејќи се организира целосно конспиративно, во скриени простории „безбедни за играчите“, во домови и на локации за кои полицијата многу тешко доаѓа до информации. Се организираат разни видови коцкање и комар и различни видови хазардни игри, во кои се ставаат сериозни влогови – автомобили, куќи, станови, се организираат илегални борби со кучиња на кои исто така се губат огромни парични средства… И во Македонија, според информациите на загрижени граѓани, се случуваат вакви видови илегални игри на среќа, далеку од очите на јавноста…

Нелегалното приредување игри на среќа е кривично дело

Вакви активности постојат речиси откога постои и човекот. Според истражувањата, на човекот и човечкиот мозок дејствуваат како дрога, го полнат организмот со возбуда и адреналин, па оној што веќе влегол во машинеријата, ретко кога може да се оттргне од неа, напротив, само уште повеќе и подлабоко навлегува и заглавува во овој опасен, а понекогаш и животозагрозувачки лавиринт.
Во Македонија, од податоци достапни според јавните извори, речиси нема случаи на илегално обложување или комар?! Но зад нив, никој со сигурност не може да ја каже точната бројка на вакви илегални активности. Завчера, полицијата и официјално откри нелегално приредување игри на среќа, во кое се вмешани и странски државјани, односно жители на Република Турција.
Полицијата поднесе кривична пријава против правен субјект од Тетово, М.А.Ч. (25) од Турција, Б.Б. (30) од Тетово, О.С. (28) од Турција, О.Ј. (23) од Турција, Ј.С. (33) од Тетово, А.Р. од Тетово, А.К. (26) од Тетово, Ј.К. (30), М.С. (25) од Тетово, Ш.Н. (22) од Гостивар, Б.Х. (20) од Тетово, Ф.П. (49), Е.С. (23) и А.А. (28) од Тетово поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „приредување игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“.
– Правниот субјект и преостанатите 14 пријавени физички лица во текот на јули 2021 година во простории на правниот субјект организирале и приредувале онлајн игри на среќа без издадена лиценца, односно без дозвола од надлежен орган. На 29.6.2021, полициски службеници од СВР-Тетово, во содејство со претставници од УЈП-Тетово и ДПИ-Тетово, извршиле контрола во објектот и притоа затекнале повеќе вклучени компјутери на кои се играле „слот-игри“, повеќе административни различни панели и на секој од нив имало извршено парични трансфери во турски лири, како и многу клиенти што контактирале преку апликацијата Скајп за комуникација и кои биле конектирани на шест ИП-адреси во Холандија преку други апликации што се користат за конектирање на друг компјутер, сѐ со цел прикривање на реалната ИП-адреса. Притоа, биле одземени осум компјутери, два лаптоп-компјутери, повеќе ливчиња со упатства на турски и англиски јазик и други предмети – информираат од МВР.

Натпреварите на ФИФА атрактивни за илегално обложување

Пред само неколку месеци, поточно во септември годинава, Интерпол во организирана акција поврзана со откривање илегално обложување поврзано со ФИФА 2020, уапси околу 1.400 осомничени во Азија и во Европа. Властите тогаш пронајдоа 7,9 милиони американски долари во готово, како и компјутери и мобилни телефони поврзани со околу 465 милиони американски долари во обложување.
Илегалното обложување генерира значителен профит за мрежите на организиран криминал, кој честопати е поврзан со други криминали, како што се перење пари и корупција.
Само полицијата во Хонгконг приведе приближно 800 осомничени, откривајќи околу 2,7 милиони американски долари во готово, а беа пронајдени и докази за стотици милиони долари во облози. Со ова откритие, оваа операција е една од најуспешните против илегалното обложување. Акцијата беше насловена „SOGA VIII“.

ИЛЕГАЛНО КОЦКАЊЕ НА БАЛКАНОТ

Минатата година, Основното обвинителство во Гнилане, косовската полиција и Полицискиот инспекторат на Косово реализираа операција во косовското село Карачево, во која биле откриени илегално коцкање, шверцување луѓе, шверцување оружје, шверцување наркотици, шверцување стока и други криминални активности.
Во операцијата беа приведени 33 осомничени лица, меѓу кои и десет полициски службеници, а запленети беа машини за коцкање, како и други материјални докази, кои, според претпоставките, биле користени за криминални активности.
Полициските власти тогаш изјавија дека тоа е најголемата операција од овој тип во Косово и пример на соработката меѓу обвинителството, полицијата и полицискиот инспекторат.