Комбинираните операции доведоа до заплена на 400 килограми кокаин, 30 килограми хашиш, 15 килограми марихуана и разно оружје

ИНТЕРПОЛ ТРГНА НА НАРКОФАМИЛИЈАТА

Во координирана акција на Интерпол против италијанската мафијашка организација „Ндрангета“, а како резултат на акцијата против оваа организација, која се води уште од ноември минатата година, уапсени се шестмина бегалци во Албанија, Аргентина и во Костарика. Во операцијата, насловена „Операција магма 2007“, беа уапсени поединци поврзани со „Ндрангета“, кои шверцувале дрога и поседувале нелегално оружје. Оваа операција резултира со апсење на 45 осомничени во Италија.
Потрагата по бегалците беше водена од италијанската полиција, која ги користеше каналите на Интерпол за успешно да ги фати и приведе, за да ѝ зададе удар на наркомафијата.

Запленети 400 килограми кокаин

На дваесет и први месецов, тројца од петтемина бегалци беа уапсени во Буенос Аирес, додека во исто време се водеше операција во Тирана, Албанија, која доведе до фаќање на четвртиот бегалец од италијанската мафијашка организација. Петтиот бегалец беше уапсен наредниот ден во Костарика.
Комбинираните операции доведоа до заплена на 400 килограми кокаин, 30 килограми хашиш, 15 килограми марихуана, автоматска пушка, три полуавтоматски пиштоли, придушувач и муниција од различни калибри. Операцијата беше клучна за растурање на мафијашкиот клан на „Ндрангета“, „Белоко“, при што беа уапсени сите водачи на фамилијата во Италија.
Работејќи со сериозни финансиски средства, кланот „Белоко“ беше инволвиран во шверц на кокаин со брод во Италија од Аргентина и Костарика. Овој шверц најмногу зависел од нивните соработници, кои често патувале во овие држави. Овој пат се уапсени, па со тоа на криминалните организации им е нанесен тежок удар, особено врз начинот на нивното работење.

Тивки „загадувачи“ на светската економија

– Операцијата е доказ за глобалната застапеност на „Ндрангета“ и го покажува високото ниво на полициска соработка помеѓу државите – истакна префектот Виторио Рици, заменик-директор на италијанската јавна безбедност.
Рици додаде и дека „Ндрангета“ претставува закана што тивко ја поткопувала и загадувала економијата на повеќе од 30 држави во светот.
– Единствен начин таа да биде запрена е со глобална и силна соработка помеѓу институциите – нагласи тој.
Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, изјави дека оваа операција е само почетокот на одговорот на глобалните здружени сили кон една од најголемите и најмоќни криминални организации во светот.
– Иако се чини дека „Ндрангета“ е невидлива, овие апсења покажаа дека и покрај оддалеченоста од десет илјади километри, сепак успешно ги реализираат своите нелегални активности, демонстрирајќи ја важноста од присуството на полицијата – истакна тој.

Во Буенос Аирес беа уапсени три лица, сите соработници на „Ндрангета“. Фердинандо Сараго работел како курир и човек од доверба, а се движел помеѓу Јужна Америка и Калабрија и пренесувал тајни документи. Џовани ди Пиетро, исто така жител на Буенос Аирес, дејствувал како клучен брокер во склучувањето договори помеѓу „Ндрангета“ и наркобосовите од Јужна Америка. Фабио Помпети, пак, работел како експерт за систем за перење пари и успешно ги избегнувал царинските контроли.
Во Албанија беше уапсен Бујар Сејдинај, познат како Чичкото. Како дел од „Ндрангета“ успешно внел околу 20 килограми кокаин во Шпанија. Во Костарика, пак, беше уапсен Франко Дагапити, кој поседувал хотел и казино во Сан Хозе. Осомничен е за прекуокеански шверц на дрога, а од хотелот ѝ нудел логистичка поддршка на организацијата.