Во водите на реката Црн Дрим доцна попладнево пронајдено е телото на маж од Дебар, кој завчера беше пријавен за исчезнат.
Телото, според првичните информации, било меѓу гранки од дрвја во реката кај селото Вичишта, Република Албанија, наспроти селото Бомово, од македонска страна на реката, која е природна граница меѓу двете земји.
Сега починатиот Фатмир Сула (46) во Полициската станица од општа надлежност во Дебар за изчезнат го пријавило семејството, откако не се вратил дома од риболов, каде што често пати одел.
Во изминатите денови во пребарување на теренот беа вклучени полициски службеници од дебарската полициска станица и роднини на Сула, а денеска е ангажирана и територијалната противпожарна единица.
Во потрагата со дебарската полиција соработувале и колегите од регионалниот полициски комесаријат од Пешкопеја, во согласност со надлежните институции на двете земји.
Треба да биде извршен увид од страна на Основното јавно обвинителство и екипа од Полициската станица од Дебар, по што телото ќе биде пренесено во Општата болница во Дебар,заради обдукција.