Судењето за предметот „Ласкарци”, кој се однесува на автобуската несреќа што се случи пред две години, денеска треба да продолжи во Кривичниот суд – Скопје.
Обвинети се сопственикот на „Дурмо турс” Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски кои, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, за соучество во истото дело.
Судијката Дијана Груевска Илиевска го води случајот, а јавниот обвинител Дарко Јакимовски е застапник на обвинението.
Во автобуската несреќа која се случи на 13 февруари 2019 година во атарот на селото Ласкарци, Скопско, загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.