Комуникацијата меѓу обвинетиот Бојан Јовановски, премиерот Зоран Заев и поранешниот пратеник Александар Кирацовски, преку апликацијата „Вацап“, беше презентирана на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз”. Според обвинителката Гаврилова, презентираните докази се од 2017 година.
Јавноста имаше можност да види како Јовановски побарал од Заев да одвои време за една средба, во една од пораките кои ги читаше обвинителката.
– Проектот ќе биде од национално значење, ќе бидат вработени 200 луѓе. Замолувам за средба. Отворена е некоја истрага за големи пари, што е тоа – му пишува Јовановски на Заев, според презентираната порака.
Премиерот му одговара на Јовановски дека ќе се видат, додавајќи дека МВР ќе направи истрага и оти се надева дека се е легално.
Судијката Софче Гаврилова-Ефремова го отстрани од судницата првообвинетиот Бојан Јовановски, по неколку предупредувања дека го нарушува текот на судењето. Претходно и неговиот татко Миле Јовановски, беше отстранет од судницата поради попречување на доказната постапка.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Јовановски, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени, за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.