Македонското еколошко друштво (МЕД), кое како организација работи веќе 12 години на заштита и зачувување на балканскиот рис како критично загрозено животно според критериумите на Светската унија за заштита на природата, информира дека неодамна на магистралниот пат Кичево – Охрид е најден прегазен рис кај месноста Славеј Планина. МЕД доби повик за рисот од член на ловното друштво „Питон“ од Охрид, но, и покрај напорите да му се укаже прва помош на животното и да се транспортира до ветеринарната клиника во Скопје, рисот угина.
– По еден час возење рисот не даваше веќе знаци на живот. Во ветеринарната клиника беше направена надворешна проверка на состојбата на телото од страна на ветеринарниот лекар Диме Велковски. Беше заклучено дека рисот (адултна женка) има скршен колк, нема внатрешно крвавење, а причина за смртта биле преголем стрес и доста низок крвен притисок, веројатно поради изгубената крв од ударот (хиповолмија). Беше земена крв за здравствена и генетичка анализа. Крвната слика направена во клиниката укажа на релативно здрава единка – изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за зачувување на балканскиот рис во МЕД.
Состојбата со балканскиот рис во Македонија сè уште е критична. Последната процена е дека ова животно има не повеќе од 50 возрасни единки, а со тоа се категоризира како критично загрозено. Иако сообраќајните незгоди не беа утврдени како закана на која мора приоритетно да се работи, ваквите инциденти се од огромно значење, бидејќи секој рис е значаен за виталноста на популацијата. Ова особено важи за женките, кои при вакви инциденти зад себе е можно да остават млади, кои во овој период од годината не се во можност сами да преживеат. МЕД неколкупати предупреди дека при изградбата на автопатот Кичево – Охрид е потребно да се внимава на подземните и надземните премини, особено на местата каде што планините од двете страни на патот се во непосредна близина, што овозможува и природен премин за различни видови животни.
– Овој трагичен случај повторно алармира итно да се почне со отворање прифатен центар за диви животни, кој ќе може да згрижи повредени диви животни. Во прифатниот центар ќе треба да работат обучени ветеринари и биолози. За оваа иницијатива во повеќе наврати се информирани претставници на МЖСПП и МЗШВ – информираат од МЕД.
С.Ј.