Обвинителката Вилма Русковска, по рочиштето за „Рекет“, рече дека во телефонот на првообвинетиот Бојан Јовановски била најдена фотографија со точна локација и време и торбата „луј витон“ на неа.
Ова образложение Русковска го даде кога Јовановски изјави дека од домот на Камчев торбата ја зел Кичеец (Зоран Милески) и оттогаш ја нема видено. Според исказот на Јовановски, по два дена откако била земена, торбата била вратена во домот на Камчев.
– За торбата за која тврдеше дека ја видел само кога Милески ја зел и по два-три дена кога ја вратил. Во анализата на неговиот телефонски уред има слика, точна локација, каде што живеат родителите на Бојан Јовановски, точно време, торбата е внатре. Тоа нешто се совпаѓа дека од кај Камчев торбата завршува во куќата кај што живеат родителите на Бојан Јовановски – тврди Русковска.
По рочиштето, објаснување, со кое го правдаше исказот на Јовановски, даде и неговиот адвокат Сашо Дуковски.
– Таква снимка не постои, одговорно ви тврдам – рече Дуковски.
Обвинителката Русковска тврди дека Јовановски изнел многу работи за кои нема докази и не се вистина.
– Треба да се има докази, а секој може сешто да каже – коментира Русковска по рочиштето.