Скопското основното јавно обвинителство поднесе обвинение против негувателката која на 21. ноември минатата година беше забележана како малтеретира двегодишно дете во игротека на угостителски објект во населба Аеродром.
Како што информираат од обвинителството, додека родителите биле на работа, негувателката повеќепати го удрила детето со шлаканици, го давела со раката држејќи го во пределот на лицето и устата и неколкупати го подигала и удирала од земја. Детето во неколку наврати се обидувало да и побегне, а од малтретирањето се здобило со телесни повреди.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај постои опасност од бегство на обвинетата, како и можност таа да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.