Двајца од повредените во сообраќајката на автопатот „Струма“ се отпуштени од софиската болница „Пирогов“. Отпуштените пациенти се стабилни и во добра општа состојба. Се очекува тие да бидат преземени за натамошно набљудување во медицинските установи во земјава.
Доктор Анастасија Викторова од Клиниката за изгореници и пластична хирургија при НУ болница „Пирогов“ ги предаде пациентите на медицински екипи од Македонија.
Другите четворица повредени во несреќата се во добра општа состојба. Седмиот пациент, кој претходно беше опериран на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а подоцна и на Клиниката за неврохирургија, е во стабилна состојба, непроменета од вчера.
Според најавите, уште двајца од повредените патници ќе бидат отпуштени од болницата утре, двајца на 30 ноември, а еден на 1 декември.
Несреќата се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма“. Загинаа 45 лица, а седуммина се повредени. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.