Со цел расчистување на кривични дела што се однесуваат на организирање на група за криумчарење мигранти, во изминатите 10 месеци се спроведуваше криминалистичката истрага над поголема организирана криминална група. Како резултат на добиените сознанија, денеска во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во соработка со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“ спроведоа координирана полициска операција. Операцијата е продолжение на полициската операција „Реприза“ што беше спроведена на 6 овој месец, соопшти Обвинителството.
Извршени се претреси на 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово и притоа се лишени од слобода 10 лица, едно лице е недостапно на органите на прогонот, додека едно веќе издржува мерка притвор за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица од кои шест лица од Богданци, три лица од Скопје и по едно лице од Штип, Валандово и с.Лојане. Лицата се осомничени дека сториле кривични дела „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „Криумчарење на мигранти“.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор против сите осомничени лица.