Министерството за внатрешни работи објави меѓународни потерници за Агим Красниќи и за Сехат Рамадани кои викендов избегаа од затворот во Штип. Според информациите на директорот на затворот, Мики Тодоров, Красниќи бил пуштен за викенд, но не се вратил во затворот.
– Беше пуштен за време на викендот. Неколку години веќе го пуштаме за викенди и за годишни одмори, секогаш се враќал на издржување на казната. Но, по овој завршен викенд, тој не се врати во затворот – изјави вчера Тодоров.
Агим Красниќи и неговата седумчлена кондовска група беа уапсени во 2008 година за нерегуларности и за предизвикување неправилности на тогашните парламентарни избори, неовластено поседување оружје и злосторничко здружување. Кондовската група доби вкупно 50 години затворска казна.