Од петокот до сега се утврдени 22 непочитувања на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти и врз основа на членовите 205 и 206 од уредбата за истите ќе бидат поднесени кривични пријави, изјави раководителката на Инспекциски надзор, Мери Проја Продановска, која денеска е во Охрид.
Државниот пазарен испекторат во моментот е со засилен надзор на правни субјекти на Охридското крајбрежје, а контроли се вршат со полициска асистенција со цел да обезбеди максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид-19.
– Најголемиот дел од прекршувањата 8 се во Охрид, 4 во Струга, 5 во Битола, 3 во Дојран, и по едно во Маврово и Кочани. При направените надзори е утврдено присуство на гости во сместувачките објекти иако засега тоа не е дозволено. Исто така кај двајца угостители од Охрид е утврдено непочитување на протоколите и работното време – додаде Продановска.
Сепак, од контролите на терен рече таа изминатите два дена кај поголемиот дел на правни субјекти може да се забележи почитување на владините мерки.
– Можеме да констатираме дека генерално економските оператори ги почитуваат протоколите, а ние денес продолжуваме со работа на Охридското крајбрежје со засилени екипи од Скопје и со асистенција на полицијата – заклучи Продановска.