Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според информациите, осомничениот, во својот дом во село Марино, неовластено држел полуавтоматски пиштол со калибар од 7,65мм со два шаржери, десет куршуми со калибар 7,65мм, ловна пушка со калибар 12мм, полуавтоматски пиштол со калибар 7,62Х25мм, 18 куршуми муниција за тој пиштол, 89 ловни патрони, како и пневматска пушка без ознака и број и од неутврдено потекло.
Оружјето и муницијата биле пронајдени вчера при претрес на домот на осомничениот, соопшти обвинителството.
Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Притоа, јавниот обвинител процени дека постојат околности кои што укажуваат дека постои опасност лицето да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело.