Измамници успеале да изнудат големи суми од две лица од Велес, во одделни случаи, служејќи се со лагата дека нивни роднини учествувале во сообраќајна несреќа.
Како што информираат од полицијата, измамени се жена за 300.000 денари и маж од Велес за околу 90.000 денари.
Жената пријавила дека пред неколку дена, непознато лице телефонски и се јавило и и’ кажало дека нејзиниот син и снаа направиле сообраќајна незгода во која со возилото удриле во дете мигрант. Измамникот од жената побарал пари за наводно да му помогне на синот. Таа му дала 300.000 денари, но потоа сфатила дека била измамена.
Во вториот случај, измамен бил 74-годишен велешанец, кому вчера на фиксен телефон му се јавило лицето и му кажало дека неговата ќерка и неговиот зет направиле сообраќајна незгода и удриле дете и побарало од него пари за да им помогне. Според пријавата, тој му ги дал парите, но подоцна сфатил дека е измамен.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.