Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, во изјава за „А1он“ истакна дека неговиот клиент бил опериран бидејќи имал дупка во желудникот, поради што му била испумпувана течност од стомачната шуплина, а не запаление на желудникот како што гласеа првичните информации.
Дуковски додаде дека Јовановски веднаш бил ставен на програм за операција, откако во страшни болки бил донесен од затворот во старата градска болница. Претходно, според него, во затворот двапати била повикана Брза помош. Адвокатот посочи дека Јовановски сега е сместен на интензивна нега.
„Фокус“ пренесе изјава на докторот Љубен Арсенков од „Св. Наум Охридски“ кој информираше дека Јовановски имал прснат чир и му била направена операција, со што неговата состојба засега е стабилна.