Американските статистики покажуваат смртност на децата при сообраќајни несреќи затоа што не се почитувале правилата за седење. Кај нас Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата пропишува дека во патнички автомобил, на предното седиште, не смее да се превезува дете помало од 12 години и дека мора да има специјално седиште

ДЕТСКОТО СЕДИШТЕ СПАСУВА ЖИВОТИ

Сообраќајните незгоди се меѓу водечките причини за смртност кај децата во светот. Само во Соединетите Американски Држави, 675 деца до дванаесетгодишна возраст починале во сообраќајни незгоди, а близу 116 илјади биле повредени во 2017 година. Од децата што починале во сообраќајни незгоди во 2017 година, 35 проценти воопшто не биле седнати во специјално седиште наменето за деца.
Според истражувањата, бројот на починати деца во сообраќајни незгоди се намалува, благодарение на специјалните седишта наменети за нив. Според Центарот за контрола и превенција од болести на САД, бројката се намалила за 43 проценти. Користењето специјална подлога за поголеми деца (бустер), седиште за во автомобил или појас за децата, е најдобриот начин да се намалат фаталните последици во сообраќајна несреќа.

– Ниту едно дете не треба да загине во сообраќајна несреќа, само затоа што не било соодветно сместено во возилото. Голем број од трагедиите што се случуваат, лесно можеле да бидат превенирани доколку децата биле седнати во специјално седиште во автомобилот – изјави Том Фрајден, поранешен директор на Центарот за контрола и превенција на болести.
Родителите сметаат дека доколку детето е поголемо, нема потреба да биде сместено на специјална подлога, бидејќи се веќе поголеми и можат да одржуваат рамнотежа, меѓутоа грешат. Една студија направена врз деца од осум до 12 години, од страна на државниот универзитет „Монтана“, објави две споредбени анализи токму за специјалната подлога, која е наменета за поголеми деца.

– Независно дали станува збор за седиште, специјална подлога или за дете чија возраст дозволува врзување со појасот од автомобилот, сите три начини, според студијата што ја спроведовме, се многу ефикасни во спречување фатални последици по животите на децата при сообраќајќи – истакна еден од водачите на студиите, Марк Андерсон. Тој истакна дека многу е важно да се внимава кога детето ќе се премести од седиште на специјална подлога и од специјална подлога на седиштето во автомобилот, обезбедено само со заштитен појас, бидејќи специјалните подлоги се наменети за деца што повеќе не ги собира во класично седиште за во автомобил. Откако децата ќе ги надраснат седиштата, родителите не набавуваат специјални подлоги, а тоа е голема грешка.
– За да се промовира специјалната подлога помеѓу родителите и тие сериозно да ја сфатат потребата од неа, Агенцијата за безбедност на патиштата ги охрабри надлежните да воведат построги казни за тие чии деца нема да бидат сместени на овие подлоги – истакна тој.

Во Македонија, пак, се чини дека голем дел од родителите воопшто не се оптоварени со безбедноста на нивите деца во сообраќајот. Речиси секојдневно можат да се забележат деца седнати на предни седишта, деца што возат кај нивниот родител во скут, деца што буквално висат од прозорците на автомобилот… ретко кое дете може да се забележи соодветно сместено во седиште или на специјална подлога.
Никој не размислува за безбедноста додека не стане предоцна за тоа. Голем број од родителите не сакаат ниту да набават специјални седишта за нивните деца, па истите тие ги позајмуваат доколку патуваат надвор од државата и тоа за да избегнат парични казни во државите каде што патуваат. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во главата 3 точка 33, во членот 164, пропишува дека во патнички автомобил, на предното седиште, не смее да се превезува дете помало од 12 години.

Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото тоа е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување. Детето, од ставовите два и три и на овој член, треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето – вели законот.
Казната за непочитување на законот изнесува 35 евра во денарска противвредност и во мандатна постапка на возачот, кој постапува спротивно на одредбите од ставовите на овој член, ќе му се регистрираат 15 негативни бодови во согласност со одредбите на овој закон.

[email protected]