Фото: Зоран Антоски

Ако во текот на летото бројот на пожарите во кичевскиот регион и не беше така голем, есенва нема ден а да нема информација за нов шумски пожар. Така по пожарот на планината Добра Вода, кој сѐ уште е активен, утринава голем шумски пожар се појави над селото Бачишта на планината Бистра каде што гори сува трева, а огнената стихија се прошири и на шумскиот појас од бука.

Бидејќи пожарот е на исклучително недостапен терен и на голема надморска височина, екипите на ТППЕ Кичево не се во можност со возила да пристигнат на самото место и да интервенираат на опожарената површина.

Фото: Зоран Антоски

-Пожарот кој утринава избувна на планината Бистра над селото Бачишта, се шири со голема брзина и во овој момент со огнената стихија се зафатени над 30 хектари сува трева и букова шума. Пристапноста до пожарот со возило е речиси невозможна и единствено до опожарената површина може да се стаса пеш. Крај пожарот моментално дежураат група вработени од екипата за пожари на ШС Лопушник. Но големиот опфат на пожарот тешко дека ќе можат да го локализираат екипите од ова претпријатие од земја и би било најдобро на истиот да се делува од воздух. Недостапноста на теренот опфатен со овој пожар и сувото време можат да придонесат истиот да се прошири и на нови површини, со што и обемот на штетите ќе биде многу поголем, кои и до сега не се така мали – истакна Емин Емини од ПО на ДЗС-Кичево.

З.А.