Дури 1.062 санкции за пребрзо возење
Во текот на завчерашниот ден (19.6.2022), Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на земјава за санкционирање возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 1.062 возачи. Од нив, 100 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 12 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 572 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 490 надвор од населено место. За време на акциската контрола биле санкционирани и 209 други видови прекршоци. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Приведен криминалец бегалец од затвор, баран со потерница
На улицата Мишко Михајловски во Скопје, полициски службеници од Оперативниот тим за потраги го лишиле од слобода Г.М. (43) од Скопје. Тој бил баран со централна потерница од КПУ-Идризово поради бегство од затвор, а бил осуден на затворска казна од една година и еден месец за сторени кривични дела по членот 215 и членот 236 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во установата за издржување на казната.
Тетовец украл шест мотоцикли
Полициски службеници на Секторот за внaтрeшни работи во Тетово расчистиле шест кражби на мотоцикли и го лишиле од слобода В.Н. (26) од Тетово. Тој се сомничи дека минатиот и овој месец противправно одзел шест мотоцикли, од кои три се пронајдени во неговиот дом. Пронајдените мотоцикли им биле вратени на сопствениците, а против В.Н. ќе следува соодветен поднесок по членовите 235 и 236 од Кривичниот законик.
Дваесет и двегодишно момче со остар предмет ја нападнало својата мајка
Полицијата уапси дваесет и двегодишно момче од Велес, затоа што се однесувало агресивно во семејниот дом и се обидело со остар предмет да ја нападне својата 45-годишна мајка. По целосното документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.