При претрес во Куманово фатени дилери како пакуваат дрога

Полициски службеници од СВР-Куманово – Одделение за недозволена трговија со дрога и оружје ги лишиле од слобода Н.В. (22) од с. Тромеѓа, Кумановско и Д.Ј. (19) од Куманово. При претрес во домот на Н.В., извршен со судска наредба, двајцата биле затекнати како пакуваат марихуана во мали ќесиња за продажба. Притоа, биле пронајдени и одземени околу еден килограм марихуана, таблети екстази, амфетамин, кокаин, хероин, пари, две дигитални ваги, празни најлонски пакувања и фолии за пакување, нотес со клиенти, неколку прачки експлозив и неколку детонатори, како и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.


Дури 283 санкции за брзо возење

Во текот на завчерашниот ден (15.6.2022), Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на земјава за санкционирање возачи на возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 283 возачи.
Од нив 19 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 127 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 156 надвор од населено место. За време на акциската контрола биле санкционирани и 159 други видови прекршоци.
– Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – велат од МВР.


Приведено 26-годишно момче, украло автомобил

Вчера во Скопје, полициски службеници од Полициската станица во Гази Баба го лишиле од слобода А.Ј. (26) од Скопје. Тој се сомничи дека на 6.6.2022 на ул. Благоја Стефковски одзел патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки. Во Полициската станица во Гази Баба со него бил извршен службен разговор, при што тој го признал делото. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.