НАЈГОЛЕМИТЕ БАНКАРСКИ ГРАБЕЖИ

Грабежи на банки, трезори, сефови, на камиони за превоз на пари, некогаш и на цели возови, се вршат откако постојат овие финансиски институции и начини на чување пари. Илјадници филмови се снимани на таа тема, објавени се стотици романи со таква содржина. Ограбувањето е еден од пораширените видови на криминал во светот. Тоа за некои луѓе е занает, за некои дури и уметност. Денес ограбувањето банки и други фирми што чуваат пари веќе не е насилно или со употреба на оружје како во минатото, денес тоа е софистицирано занимање што бара големо познавање на техниката и технологијата, умешност и храброст. На некои луѓе тоа им е главно и единствено занимање. Но, како и да е, ви ги наведуваме најголемите грабежи на банки во светот.

Украдени 18,9 милиони долари

Во 1997 година, шест лица го извршија најголемиот грабеж познат во историјата на САД. Лидерот на групата Ален Пејс, всушност, бил вработен во компанијата „Дунбар“, која, покрај другите дејности, работела со финансии, така што нудела сефови за чување пари во своите простории. Пејс регрутирал петмина другари од детството, кои влегле во компанијата. Пејс ги пренасочил камерите за да можат незабележано да влезат, нападнале двајца од чуварите и избегале со 18,9 милиони долари.
Грабежот би бил успешен ако еден од петтемина не направел грешка. Тој му позајмил од украдените банкноти на пријател без да ги тргне хартиените ленти за готовина. Така групата била фатена.

Грабежот на банката Јунајтед Калифорнија

Во 1972 година, Амил Динсио, професионален криминалец од Охајо, заедно со банда од шест лица, тргнал кон Калифорнија. Изнајмиле куќа и планирале напад на банка, каде што наслушнале дека тогашниот претседателот Ричард Никсон чувал фонд од мултимилионски суми. Крадците со динамит си направиле пат до сефот, украле 30 милиони и заминале во изнајмената куќа. Полицијата успешно ги нашла откако некој таксист се пофалил од великодушната „напојница“ што му ја оставиле.

Грабежот на Британската банка на Блискиот Исток

Во 1976 година, кога Либан бил во врвот на граѓанската војна, група крадци одлучиле да ја искористат ситуацијата и да ја ограбат банката. Групата користела експлозиви во ѕидот на блиската католичка црква, која граничела со банката, и преку пукнатините влегле во неа. Крадците украле 44,5 милиони во кеш и златни прачки, накит и други вредности. Ниту еден од крадците не е пронајден од полицијата и не е уапсен. Во денешно време, украдените вредности вредат трипати повеќе отколку во тогашната 1976 година.

Грабеж на Нортерн банк

Една недела пред Божиќ, во 2004 година, крадци од Белфаст, Северна Ирска, облечени како полицајци, влегле во домовите на двајца менаџери во Нортерн банк. Нивните семејства биле држени како заложници, а поради тоа менаџерите морале да одат на работа како и во нормални денови. Кога завршил работниот ден, менаџерите ги оставиле крадците во банката, од каде што тие украле околу 26,5 милиони британски фунти и други странски валути. Случајот сѐ уште не е решен и досега е уапсена само една личност, и тоа за перење пари.

Грабежот во магацинотна „Бринкс-Мет“

Еден од најпознатите грабежи во Британија е всушност дело на инсајдерска група. Утрото во 1983 година, чуварот во „Бринкс-Мет“, Ентони Блек, пуштил група крадци да влезат во магацинот, кои ги заврзале другите чувари во магацинот. Крадците брзо сфатиле дека во магацинот нема само пари, туку и многу други скапоцености, како злато и дијаманти. Украле 41 милион долари и им честитале Божиќ на чуварите. Повеќето крадци се фатени, но голем дел од златото сѐ уште не е пронајден.

Грабеж на бразилската Централна банка

Во 2005 година, според Гинисовата книга на рекорди, бразилската Централна банка е банката во која е извршен најчудниот грабеж на светот, со најголем број учесници. Банда од 25 лица направила лажна фирма за внатрешно и надворешно уредување. Потрошиле три месеци копајќи 256 метри долг тунел, кој водел до сефот на банката. Кога влегле, украле неколку контејнери, кои имале 71,6 милион долари. Само осум лица се уапсени, а пронајдени се само 20 милиони.

Грабеж во депото на „Секуритас“

Најголемиот грабеж во британската историја се случил во 2006 година. Вработени во банката ја снимиле целата внатрешност на зградата. Потоа зеле маски и го киднапирале менаџерот. Го држеле неговото семејство во заложништво, по што го однеле во депото и го присилиле да им ги отвори сефовите. Оттаму украле 83 милиони долари. Но, и покрај нивното маскирање, сепак некои од крадците биле фатени.

Грабеж во трезорот на сефови во Најтсбриџ

Валерио Вицеи, за кого веќе имало потерница за повеќе од 50 кражби во Италија, речиси извршил совршен криминал во Лондон во 1987 година. Тој и уште едно лице влегле во банката и побарале да изнајмат сеф. Кога вработениот им го покажал сефот, тие извадиле пиштоли и ја затвориле банката. Повикале уште пријатели и заедно украле повеќе сефови, бегајќи со 97 милиони долари. Вицеи избегал во Јужна Америка, но бил уапсен кога се вратил во Англија, во обид да го внесе своето ново возило, купено со украдените пари.

[email protected]