Апелациониот суд во Скопје ја закажа јавната седница за случајот „Транспортер“ за почетокот на јули, според извори на „Нова Македонија“.
Седницата на Апеплација за жалбите на поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески и секретарот Слободан Бончановски, како и другите 19 осудени лица во случајот „Транспортер“ е закажана за 1, 2 и на 5 јули. Жалбите ќе се разгледуваат три дена.
Основниот кривичен суд во Скопје со судијката Добрила Кацарска во првостепената
пресуда за случајот „Транспортер“, кој го покрена СЈО против поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и уште 20 лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во
Битола, на Талески му изрече казна затвор од 8 години, а на поранешниот секретар на општината 6,5 години затвор. Тие оттогаш се наоѓаат во домашен притвор.
И останатите 20 обвинети се прогласени за виновни. Половина од нив добија условни, а половина затворски казни. Меѓу десеттемина кои добија затворски казни се и управители на фирмите за автобуски превоз, а казните се движат од две години и два месеца до три години, додека директорите на училиштата добија условни казни.
Покрај затворските казни, во пресудата што ја изрече Основниот кривичен суд во Скопје предвидена е и конфискација на имот од фирмите во износ на направената штета или нешто повеќе од 34 милиони денари (околу 550.000 евра). Ако фирмите немаат доволно имот за конфискација, тогаш таа ќе се изврши на имотот на обвинетите управители. М.М.