Адвокатот на осудениот поранешен директор на БЈБ, Митко Чавко, Сашко Дуковски, на јавна седница во скопскиот Апелационен суд за мерката притвор му достави извод од катастарот на Халкидики со која, како што рече, се потврдува дека Чавков таму не поседува вила, што беше една од основите за определување на оваа мерка.
-Полицијата се користи со небулози. Семејството беше трудољубиво. Извадивме документ од катастарот на Халкидик, тоа е извод, јавна исправа, од која се гледа дали Чавков има или нема вила на Халкидик, гулабарник, трло…- рече Дуковски.
Тој додаде дека за неговиот клиент постојат две мерки за обезбедување, одземен пасош и обврска за јавување во судот. Дуковски рече дека за Чавков е понудена висока активна правосилна гаранција од 600 илјади евра во недвижен имот.
Адвокатот рече дека е сигурен оти судот ќе ја одбие жалбата на Чавков, но дека предметот ќе заврши во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
-Македонија е казнета во Стразбур за предметот ‘Змиско око’ за формално донесени решенија за притвор- рече Дуковски.
Адвокатката на осудениот Горан Ѓошевски – Леви, Ружица Николовска, рече дека има двојна судска пракса бидејќи во предметот „Труст“, каде што беше осуден Сеад Кочан, за него имало активна гаранција, поради која, за него не бил побаран притвор.
Во скопскиот Апелационен суд се одржа јавна седница за притворот што им го определи Кривичниот суд на осудените за собраниските насилства од 27 април 2017 година до правосилноста на пресудата. Судија известител на петочлениот совет е Енвер Беџети.
На 15 март првостепениот суд осуди 17 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на вкупна затворска казна од 211 години. Жалби поднесоа Митко Чавков, Горан Ѓошевски – Леви, Никола Митревски – Кољо, Абдулфета Аљими, Душко Лазаров и др.