Случаи на измами се евидентирани насекаде, а последна во низата вакви криминални активности се најде и европската полиција Европол, чие име беше злоупотребено од страна на криминалните организации заради обезбедување финансиски средства.
Како што информираа од Европол, измамниците им кажуваат на своите жртви дека се вмешани во тешки кривични дела или се жртви на кривично дело, како што е кражба на идентитет. Тие потоа, претставувајќи се дека се од Европол, бараат од жртвите да им дадат лични податоци и да вршат плаќања
ИНВЕНТИВНИ НАЧИНИ НА ИЗМАМИ: ЕВРОПОЛ ЗЛОУПОТРЕБЕН ОД КРИМИНАЛЦИТЕ
Речиси нема земја во која не се случуваат разни измами, користејќи престижни имиња на компании, јавни институции, осигурителни компании, само со цел криминалните организации успешно и преку измами да заработат стотици илјади евра. За тоа доволно говори и фактот што се користат дури и штетни животозагрозувачки медицински средства, но и децата, кои се злоупотребуваат преку продажба на детски играчки. Сепак, новитет се измамите со користење разни имиња на компании и јавни институции за набрзина и преку измами да си обезбедат пари.
ДОБАР ДЕН, СЕ ЈАВУВАМЕ ОД ЕВРОПОЛ….
Случаи на измами се евидентирани насекаде, а последна во низата вакви криминални активности се најде и европската полиција Европол, чие име беше злоупотребено од страна на криминалните организации заради обезбедување финансиски средства.
Како што информираа од Европол, измамниците им кажуваат на своите жртви дека се вмешани во тешки кривични дела или се жртви на кривично дело како што е кражба на идентитет. Тие потоа, претставувајќи се дека се од Европол, бараат од жртвите да им дадат лични податоци и да вршат плаќања.
– Исто така, дознавме дека овие измамници можат да направат да изгледа како нивните телефонски повици да потекнуваат од вистински броеви на Европол. Ова се прави така што се употребуваат лажни информации со идентификација на повикувач за прикривање на вистинскиот извор на дојдовен повик. Тоа е лажно! Европол никогаш нема да ги повика граѓаните во врска со вакви побарувања или да бара од нив да извршат исплати – велат од Европол.
Покрај овој вид измами, постојат и такви што вклучуваат лажна кореспонденција, за која се тврди дека е од голем број одделенија на Европол, како и од неговиот извршен директор, други високи членови на персоналот и разни меѓународни службеници за спроведување на законот. Пораките на социјалните мрежи и е-поштата, напишани на повеќе јазици, лажно ги користат имињата на високиот персонал на Европол, вклучувајќи ги Кетрин де Боле, Жан-Филип Лекуф и Јирген Ебнер, за да звучат сериозно и легитимно.
Измамниците исто така се обидоа преку лажни писма испратени до трети компании да убедат дека дејствуваат во име на Европол, повторно за да обезбедат финансиски средства.
– Немојте да бидете заведени – целата оваа кореспонденција е лажна. Ниту Европол, ниту кој било од неговите вработени никогаш директно не би контактирал со членови на јавноста, барајќи итна акција или заканувајќи им се на поединци дека ќе отвори кривична истрага. Европол не издава казни и не контактира со членовите на јавноста што бараат плаќања – информираат оттаму.
ИЗМАМНИЦИ ДЕМНАТ И ВО МАКЕДОНИЈА
Од Европол велат дека доколку кој било добие ваков контакт со наводен член на Европол, да пријави веднаш во полиција, која понатаму ќе реализира истрага и ќе ги извести надлежните од европската полиција.
– Откако ќе го известите вашиот локален орган за спроведување на законот, испратете ни ги деталите за сомнителната е-пошта или кореспонденција користејќи ја оваа форма на контакт – потенцираат оттаму.
Македонија, за жал, е една од земјите каде што ваквите измами се доста чести иако во различен вид и форма. Огромен е бројот на измамени граѓани што изминатиот период беа измамени од криминалци што успешно им измамија големи финансиски средства. Тврдејќи дека нивните блиски роднини, родители, браќа, сестри, сопружници или деца се вмешани во некое кривично дело, барајќи пари и ветувајќи дека ќе им помогнат да избегнат некаква санкција, криминалците успешно ги полнеа џебовите од исплашените граѓани.
Имаше и голем број случаи во кои имиња на маркети беа користени за собирање лични информации и податоци од платежни картички, од каде што криминалните организации црпеа пари на најлесен можен начин, бидејќи тие им беа сервирани на послужавник.
За среќа, сѐ уште не сме имале случај во кој било злоупотребено името на полицијата или друга сериозна установа, меѓутоа, штом успешно го користеле името на Европол, прашање на време е кога ваквиот вид измами ќе пристигнат и на територијата на нашата држава.