Како што анализираат и светските криминолози, Дарк веб е мрежа на интернет каде што циркулираат многу информации поврзани со извршување кривични дела. Токму таму се присутни шифрирана кореспонденција и договор меѓу криминалците за извршување криминални дејства: од подготовки за терористички акти до шверцување дрога и бели робје. Сето тоа, според аналитичарите, енормно ја зголемило вредноста токму на тој канал на комуникација наречен Дарк веб (темна мрежа). Па, така, од 2011 до 2020 година, вредноста на Дарк веб е порасната за четири пати…

КЛАСИЧНИОТ КРИМИНАЛ И ИНКРИМИНИРАНИТЕ ПОВЕДЕНИЈА СО ВИДОИЗМЕНЕТИ ФОРМИ И ОБЛИЦИ

Дека целокупната продажба и купување дрога сѐ повеќе се реализираат на т.н. темна мрежа на интернет показател се и истражувањата и анализите на Европол и Интерпол, кои во врска со тоа имаа голем број акции за сузбивање на овој вид криминал. Токму затоа, криминолозите истакнаа дека темната мрежа повеќе не е толку темна, бидејќи во неа на тајни задачи се инволвирани голем број полициски службеници.

ЗА ЖАЛ, ДРОГАТА СЀ ПОЧЕСТО ДОСТАПНА И ОНЛАЈН

И порано „Нова Македонија“ пишуваше дека со дрога наголемо се тргува и онлајн. За жал, со почетокот на пандемијата, онлајн трговијата со дрога е сѐ почеста. Иако првичните претпоставки и анализи беа дека пандемијата ќе го отежни пристапот до наркотици, сегашните анализи покажуваат дека, за жал, не се случи тоа. Во исто време, сѐ поголем е бројот на корисници на психоактивни супстанции.
За време на пандемијата не мутираше само вирусот туку и криминалот. Забележано е, на пример, дека со кокаин, канабис и други опијати во Србија се тргува онлајн!?
Како што анализираат и светските криминолози, Дарк веб е мрежата каде што под разни шифри се договара купување дрога, а сето тоа наголемо ја зголемило вредноста на темната мрежа. Па, така, од 2011 до 2020 година, вредноста на Дарк веб е порасната за четири пати и сега изнесува 315 милиони евра. За испорака, најчесто се користат курирски служби.
Според тамошните експерти, додека дилерите пронаоѓаат нови начини за доаѓање до консументи, процените на лекарите во Србија се дека нивниот број е многу поголем, но поради пандемијата мал е бројот на оние што одат да побараат лекарска помош.

МАКЕДОНСКИТЕ ДИЛЕРИ СЀ УШТЕ СО ТРАДИЦИОНАЛНИ КРИМИНАЛНИ МЕТОДИ

Фактот што полицијата секојдневно апси по неколку лица што продаваат дрога е доволен показател дека корисниците на наркотици се распространети насекаде низ земјава. За жал, со апсењето на дилерите не се става крај на дистрибуцијата на дрога, бидејќи тргувањето со неа претставува вносен бизнис, па многумина лесно се прелажуваат и се ставаат во улога на дилери на дрога, нудејќи им ја на младите, во училиштата, во кафулињата, и обидувајќи се да обезбедат нови жртви, кои ќе ги навлечат на наркотици и кои ќе им станат редовни купувачи и консументи на нивната „стока“.
Само за два-три дена полицијата успеала да уапси осуммина дилери на дрога во земјава. Тоа е застрашувачка бројка, особено доколку се земе предвид бројката на оние што сѐ уште не се откриени и фатени од полицијата.
Во Битола беше уапсен 22-годишен дилер, кај кого беа пронајдени и одземени марихуана, метална дробилка, дигитална вага и други предмети со остатоци од марихуана. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Две лица на 38 и 39-годишна возраст, едното од Охрид, другото од Струга, беа фатени во такси-возило во кое се превезувале, а во кое до совозачката врата пронашле полиетиленска ќеса во која имало девет пакувања со бела прашкеста материја.
Марихуана, дробилка и нож беа пронајдени кај три лица од Гостиварско.
Двајца корисници на марихуана од Кавадарци, пак, на 38 и 39-годишна возраст беа уапсени бидејќи беа фатени при купопродажба на марихуана, која беше одземена од страна на полицијата. Во нивните домови исто така била пронајдена и одземена марихуана.
Овие не се единствените случаи, меѓутоа се неколку од последните уапсени дилери и корисници на дрога од страна на Министерството за внатрешни работи.

ДАРК-ВЕБ НЕ Е НЕПОЗНАТА ЗА ПОЛИЦИСКИТЕ ИСТРАЖИТЕЛИ

Со оглед на големиот број удари на криминалците што својот црн бизнис го остваруваат на темните интернет-мрежи, експертската јавност, за среќа, тврди дека темната мрежа повеќе и не е толку темна и затскриена и дека криминалот со новите форми, методи и канали на комуникација сѐ повеќе е откриван, гонет и казнуван.
Како што криминалците имаат свои начини на пристап и илегална интернет-продажба, исто така имаат начини и полициските власти низ светот, кои со заедничка соработка ги откриваат и затвораат темните мрежи и, како што велат полициските истражители, „темната бројка на криминалот ја осветлуваат“.
Органите на прогонот веќе успешно навлегоа во системот и мрежата на Дарк веб, па лесно и успешно успеваат да ги откријат, идентификуваат и да им влезат во трага како на продавачите на нелегалните производи, така и на купувачите.
Секој што се одлучил да ја користи темната мрежа за да се стекне со одредени нелегални продукти што на интернет-просторот можат да се најдат само тука, се изложува на ризик себеси и сопствениот живот, бидејќи овој начин на купување какви било производи носи стравотни последици по поединецот што сака да ги користи.
Како што информираат експертите, купувачите на темната мрежа може да добијат повеќе од она за што се пазареле.
Опоидите со фентанил, на пример, резултираа со голем број смртоносни предозирања. Исто така, нема гаранција дека некој ќе ги добие производите или услугите што ги купил – измамниците демнат околу секој дигитален агол, дури и на темната мрежа. Уредите може да бидат изложени на низа малициозни софтвери, подготвени да направат хаос на податоците на купувачите. Ризикот од гонење и изведување пред очите на правдата е реален, бидејќи користењето на темната мрежа за криминални активности е казниво дело со затвор, пропишано во голем број земји.