До Квон бил уапсен на аеродромот во Подгорица, главниот град на Црна Гора, со фалсификувани документи. За криптокриминал го прогонуваат три земји, Јужна Кореја, САД и Сингапур. Според анализата на компанијата за следење блокчејн „Елиптик“, повеќе од 200 илјади лица во светот во двете дигитални монети изгубија околу 42 милијарди долари
НЕСУДЕНИОТ КРИПТОКРАЛ ДО КВОН СЕПАК СЕ КРИЕЛ ОД ЗАКОНОТ – НА БАЛКАНОТ
Се чини дека јужнокорејските власти беа во право кога се сомневаа дека неуспешниот „крал на криптовалутите“ До Квон се крие на Балканот. Неодамна црногорската полиција уапси маж за кој уште во првите мигови се посомнева дека е токму тој, дека е уапсен еден од најбараните бегалци во областа на криптокриминалот. Набргу потврда за тоа пристигна и од министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, кој се огласи на Твитер.
Речиси истовремено беше потврдено дека е поднесено обвинение во Црна Гора против јужнокорејски државјани за фалсификување патни исправи и кражба на идентитет. Според црногорските медиуми, станува збор за поранешниот извршен директор и коосновач на компанијата за криптовалути „Тераформ лабс“, До Квон, и неговиот деловен партнер Хон Чанг Џун.
КАКО КРИМИНАЛНИОТ „КРИПТОКРАЛ“ Ѝ ПАДНА ВО РАЦЕ НА ПОЛИЦИЈАТА
Двајцата приведени беа сослушани во обвинителството во Подгорица, на само еден ден откако биле задржани по нивниот обид да побегнат кон Дубаи со фалсификувани документи од Костарика.
Авионот на приватната компанија „Алијанс џет“, подготвен за лет за Дубаи, два дена бил на аеродромот во Подгорица чекајќи го До Квон, но тој не поминал подалеку од пасошката контрола – на граничниот полицаец што му ги проверувал документите му се вклучила апликацијата „најди“, со предупредување – „апсење“.
– Според Интерпол, тие се осомничени за загуба на инвестиции вредни над 40 милијарди долари – изјави црногорскиот министер Аџиќ.
Притоа е наведено дека До Квон бил прогонуван од три земји, Јужна Кореја, САД и Сингапур, за она што американската Комисија за хартии од вредност (SEC) го нарекува „оркестрирање измама со хартии од вредност со криптосредства од повеќе милијарди долари“.
„Осомничените се приведени поради околности што укажуваат на ризик од бегство, бидејќи станува збор за странски државјани со адреса на живеење во Сингапур, а нивниот идентитет не може да се утврди без сомнение“, се наведува во соопштението на Основниот суд.
На осомничените може да им биде одредена мерка притвор во траење од најмногу 30 дена, како што соопшти судот. При проверката на нивниот багаж биле откриени патни документи од Белгија и од Јужна Кореја. Проверките на Интерпол покажаа дека белгиските документи се фалсификувани, се наведува во соопштението од црногорското МВР.
Во септември по него беше распишана меѓународна потерница од Интерпол. Кон крајот на декември 2022 година, јужнокорејските власти соопштија дека веруваат дека До Квон, коосновач и извршен директор на лабораториите „Тераформ“ со седиште во Сингапур, се крие во Србија.
Триесет и едногодишниот До Квон беше обвинет за измама и прекршување на правилата на пазарот на капитал по падот на токените тера и луна во мај минатата година.
Во јуни минатата година, јужнокорејските обвинители изјавија дека До Квон патувал преку Дубаи во непозната земја, оставајќи го Сингапур зад себе, како последна потврдена локација.
Црвената потерница што Интерпол ја објави за него е меѓународен правен поредок за земјите низ светот да пронајдат и приведат лице што се очекува да биде екстрадирано, предадено или некои слични правни дејства.
Јужна Кореја и Србија немаат потпишано договор за екстрадиција, но двете земји се потписнички на Европската конвенција за екстрадиција.
Квон претходно негираше дека се крие, но не откри каде се наоѓа.
„Јас не сум ’во бегство’ или нешто слично – со секоја владина агенција што е заинтересирана да контактира со нас, ние сме целосно кооперативни и немаме што да криеме“, напиша тој на Твитер минатиот септември.
Обвинителите издадоа налози за апсење уште на пет лица, кои не се именувани, а кои се поврзани со т.н. стабилкоини тера и сестринскиот токен луна.
Неколку елементи како потсетување на подемот на До Квон
Неговата биографија им е добропозната на полициските власти, но и на измамените. По завршувањето на образованието, тој се преселил во САД, каде што работел како софтверски инженер за „Мајкрософт“ и „Епл“. Во јануари 2016 година се вратил во Јужна Кореја и во 2018 година станал коосновач на „Тераформ лабс“, заедно со претприемачот Даниел Шин. Компанијата ја создаде криптовалутата наречена луна, која почнаа да ја продаваат во 2020 година. Блокчејнот Тера, кој ги вклучува двете криптовалути, имаше стабилни економски параметри.
Тера УСД стабилкоин користел алгоритам поврзан со понудата на луна за одржување на вредноста од околу еден долар, за разлика од другите монети што се врзани за готовина. Вредноста на луна во април 2022 година достигна вредност од над 116 долари. Валутата тера сега вреди помалку од 0,0002 долари.
Квон работел и на различни блокчејн-проекти, вклучувајќи ги „Мирор“, „Присм“, „Астропорт“ и „Анчор“. Токенот за „Мирор“, познат како МИР, работел на децентрализирана финансиска платформа поврзана со тера. „Мирор“ им овозможувал на луѓето да ги заобиколат тековните ограничувања на акции и други средства со тоа што го олеснувал тргувањето.
По колапсот на сестринските валути луна и тера УСД во мај 2022 година, „Тераформ лабс“ во јуни годинава започна со тргување со нова криптовалута наречена луна 2.0. Сепак, објавувањето на луна 2.0, кое сега се нарекува само ЛУНА на платформите за тргување, наиде на лоша реакција од инвеститорите и критичарите.
Според анализата на компанијата за следење блокчејн „Елиптик“, повеќе од 200 илјади лица во светот во двете дигитални монети изгубија околу 42 милијарди долари.