Оштетените граѓани на социјалните мрежи поставуваат фотографии на своите украдени возила, со надеж дека некој ќе ги препознае и ќе им помогне во пронаоѓањето

Грчката полиција ги предупреди туристите да бидат внимателни со возилата, бидејќи криминални банди крадат автомобили што се користат за шверцување мигранти

Ова лето како никогаш досега е евидентиран голем број на кражби на возила во соседна Грција. Како што веќе пишувавме, најчесто се крадат возила со српски регистарски таблички од српските туристи, од големи и фреквентни паркинг-места, пред големи трговски центри и во градови со голем број туристи. Деновиве, откако стана сѐ поголем бројот на Срби што на социјалните мрежи откриваат и реагираат дека им било украдено возилото и бараат помош од сите што го виделе нивното возило, се огласи и грчката полиција со апел до туристите да бидат многу внимателни.

ЦРВЕНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Грчката полиција ги предупреди српските туристи да бидат внимателни со возилата, бидејќи криминални банди крадат автомобили што се користат за шверцување мигранти. Последниот случај е на едно семејство од Врање, чиј автомобил беше украден пред неколку дена во Неа Плагија, во близината на Халкидики. Четиричленото семејство требало да си оди дома од одмор, но на денот на враќањето утрото забележале дека им е украден автомобилот „опел зафира“.
Возилата исчезнуваат прекуноќ, на паркинзите во трговските центри, додека туристите се на плажите или пред самите станови! Криминалците користат специјални уреди за да го попречат заклучувањето и во тој случај не го кршат автомобилот, туку само го отвораат.
Деновиве беше пронајден автомобилот на едно семејство од Србија чие возило исто така беше украдено додека биле на одмор во Грција. Како што сведочеше сопственикот на возилото, во автомобилот треба да инвестира неколку илјади евра, но вели дека е подобро тоа отколку нов автомобил.
Според информациите што ги објави, неговиот автомобил бил користен за превоз и шверц на мигранти.
Најмногу кражби на автомобили се случуваат на најпопуларните плажи во близината на Солун и Халкидики, каде што престојуваат повеќето српски туристи.
Според информациите достапни од полициските билтени, медиумите направија преглед на локациите каде што најчесто „оперираат“ крадците:
l на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри („Икеа“, „Лидл“, „Џамбо“, „Уан салоника“…);
l на отворени паркинзи во Солун, во близината на Белата кула, во близината на плоштадот „Аристотелис“;
l на паркингот на водниот парк „Вотерленд“ во Солун;
l на паркинзи на некои плажи на Халкидики (Оранж, Тиганија, Златна плажа Паљури, Арка плажа Сарти…).

КАКО ДА СЕ ПРЕВЕНИРААТ КРАЖБИТЕ

Треба да се наведат и информациите што се споделуваат, всушност совети за сите што одат на годишен одмор, да знаат што ги очекува и како да го избегнат најлошото – да останат без својот автомобил. Некои од овие совети се веќе објавени пред извесен период, но не е лошо да се повторат, за да се запаметат, затоа што никогаш не знаете што ве очекува додека се одморате.
– Во текот на летната сезона, Солун и неговата околина, а особено полуостровот Халкидики, конкретно Касандра и Синтонија, стануваат опасна зона за оние што имаат автомобили од повисока средна и висока класа. Очигледно е дека има добро организирани банди, кои имаат добро воспоставени маршрути за брзо преместување на украдените автомобили надвор од Грција. Да не заборавиме дека има три граници во близината, па можно е кога автомобилот ќе ви го снема, тој веќе да ја напуштил Грција – се наведува во упатството до туристите.
Понатаму, во обид да се помогне да се избегнат слични ситуации, се даваат и неколку корисни совети.
– Прво, им препорачувам на сите што имаат квалитетни автомобили да вградат зедер-брава. Тоа е дополнителен трошок, но сепак прави да се чувствувате многу помирно. Во Солун задолжително се паркираат автомобилите во гаражи, а јас ги препорачувам оние со обезбедување, кои ги има во доста голем број. Кога имате автомобил полн со работи, а сопругите треба да пазарат, нека остане некој со автомобилот (тука мислам на мажите). Ќе се ослободите од непотребното вознемирување во продавниците и ќе ги зачувате автомобилот и работите. Кога го паркирате автомобилот во близината на плажите, не оставајте ништо во него. Тоа е повик за акција за разбојници, кои кршат прозорци. Никогаш не оставајте документи подалеку од видното поле – советува еден од посетителите на социјалните мрежи.

СЕ „ОПЕРИРА“ И ВО АПАРТМАНИТЕ

Според оние што веќе летувале во соседна Грција, криминалот е зголемен до тој степен што крадци влегуваат и во изнајмените апартмани, дури и додека туристите внатре спијат, а евидентирани се и случаи на улични уметници крадци. Сите тие, според сведоштвата, имаат добро разработен систем за тоа како да ве ограбат дури и на улица.
– Летувавме во Неа Скиони. На соседите во нашата вила им влезе крадец во апартманот среде ноќ, додека тие спиеја. Толку од сигурноста и безбедноста – напиша членка на групата.
Членката на групата, пак, со име Душица се обиде детално да објасни како оперираат уличните уметници.
– Во Солун ве ограбуваат во движење, затоа добро внимавајте на своите торби и пари. Има и такви што глумат споменици. Стои еден кај Белата кула и им фрла роза на минувачите. Вие љубезно ја земате розата да му ја вратите, а тој ве фаќа за рака и не ве пушта додека не му дадете пари. Некои странци наседнаа на финтата и мораа да му дадат пари. Солун е преполн со крадци и измамници – напиша таа.

МИГРАНТИ СЕ ШВЕРЦУВААТ ВО БАГАЖНИЦИ

На крајот на минатиот месец, Европол објави дека банда шверцери користеле луксузни автомобили за да превезат стотици мигранти од Турција во Грција. Понекогаш возеле со брзина и до 250 километри на час за да ја избегнат полицијата.
И шверцерите и мигрантите биле повредени во инциденти со брзо возење, при што во некои случаи биле сместени по 15 мигранти во едно возило, а многумина од нив биле сместени во багажниците од возилата.
Водачите на бандата беа уапсени за време на повеќе операции на 21 јули, во акција на бугарските и унгарските полициски сили.
Во рациите во Бугарија, Грција и во Унгарија беа уапсени 14 осомничени и запленети 25 возила, заедно со електроника, телефони, СИМ-картички, опрема за криптокопирање и готовина. Полицијата соопшти дека петнаесет од запленетите возила се автомобили од високата класа.
Криминалната мрежа пренесувала мигранти од Турција во Грција преку пограничниот регион Еврос.
Двегодишната истрага откри дека повеќе од 100 автомобили од високата класа ги опслужувале операциите, од кои 66 биле запленети од властите пред рациите овој месец. Возилата биле регистрирани во Бугарија, а понекогаш и во Грузија.
Автомобилите биле од различни луксузни брендови од високата класа, кои Европол ги опиша како „скапи европски марки“. Станува збор за возила за лична употреба, што покажува дека и шверцерите ја менуваат тактиката, па ги користат нив наместо комбиња или транспортни возила, како што вообичаено правеа досега.

[email protected]