Фото: Пекселс

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради сомненија дека сториле кривично дело „насилство“, така што на 2 јуни, пред пункт на „Водовод“ во населбата Шуто Оризари во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз еден вработен во пунктот.

До овој момент лишен е од слобода еден од осомничените, 29-годишник за кого јавниот обвинител денеска поднесе предлог за определување мерка притвор до Судот, додека останатите двајца осомничени се идентификувани – две лица од Сингелиќ на возраст од 38 и 40 години, но се во бегство од моментот на извршување на делото, па јавниот обвинител издава насоки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода.

Лицата, како што инфоирмира ЈОРСМ, се сомничат дека сториле кривично дело – Насилство предвидено во член 386 став 3 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

– На 2 јуни, пред пункт на „Водовод“ во населбата Шуто Оризари, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз еден оштетен вработен во пунктот. Додека тој го паркирал возилото пред влезната врата на објектот, тројцата осомничени го нападнале од зад грб, видно агресивни без посебен повод или причина. Започнале да го удираат со дрвени и железни палки, клоци и боксови по главата и по телото, нанесувајќи и на жртвата тешки телесни повреди – фрактури на повеќе коски. Со насилството била предизвикана вознемиреност и страв и кај други лица – сведоци на настанот – се вели во соопштението од ЈОРСМ.