Надлежните апелираат на внимателност, за да не се повторат сликите од пред некоја година кога гореа и праговите на шините - Фото: Игор Бансколиев

ВНИМАТЕЛНО: ПРИСТИГНУВААТ ТЕМПЕРАТУРИ ОД 40 СТЕПЕНИ

Освен пожарите, високите температури лошо се одразуваат и врз безбедноста во сообраќајот, така што препораките се да се избегнува возење во најжешкиот период од денот, бидејќи топлото време негативно влијае врз концентрацијата на оние што управуваат со возилата, но и на времетраењето на запирањето поради вжештениот асфалт

Надлежните веќе ни најавија африкански бран, прв за оваа летна сезона, кој треба да пристигне во земјава некаде наредната недела. И како и секоја година, така и оваа, токму овој топлотен бран ќе биде причина за низа опасни ситуации како што се пожарите. Секое лето ситуацијата е идентична. Несовесните луѓе фрлаат догорчиња каде што ќе стигнат, земјоделците ги палат стрништата, а посетителите на шумите и планинските места неконтролирано прават скари, ризикувајќи да се поплоса цела шума.

ПОЖАРИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМАТА БОЛКА

Најавениот топлотен бран значи автоматско мобилизирање на надлежните за справување со високите температури.
Токму овие температури, кои според метеоролозите ќе достигнуваат и до 40 степени, ќе бидат една од главните причини за пожари, а надлежните, како и секоја година, ги користат старо-новите апели до граѓаните: да не фрлаат догорчиња, стаклен отпад и шишиња, да не палат оган и скара на отворен простор и во шума, да не им се дозволува на децата да си играат со запалки, да не се пали отпад, како и стрништа, а доколку се забележи пожар, преку телефонскиот број 193 или 112 да се информираат надлежните.

Иако дилемата околу тоа која е причината за избувнувањето на пожарите никогаш со сигурност нема да се реши, сепак, најчестата причина за нив е човечкиот фактор, кој, во комбинација со високите температури и слабиот ветер, може да предизвика катастрофа од катаклизмични размери.

Токму затоа граѓаните треба да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните.
Освен препораките од надлежните, на властите секогаш им се достапни и репресивните мерки за оние што ќе ги игнорираат препораките, но и законите.
За жал, надлежните се соочуваат со уште еден сериозен проблем, кој директно се одразува на состојбата со пожарите. Како што веќе подолго време се укажува, а неодамна беше и потврдено со истражување, еден од поголемите проблеми се недостигот од пожарникари и старите и дотраени возила.

КАКО ЕФИКАСНО ДА СЕ ОДГОВОРИ НА ПОЖАРИТЕ

Минатите години бевме сведоци со колку големи проблеми се соочија пожарникарите и општините во справувањето со пожарите што ја зафатија земјава.
Поради недостигот од возила, но и од пожарникари, во акциите за гаснење на пожарите беа вклучени и граѓаните, а се мобилизираа пожарникари од сите општини во земјава.

Токму затоа е потребно зголемено внимание, но и претпазливост, затоа што државата тешко излегува накрај со огнените стихии.
Пред извесно време Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави дека бројот на пожарникари во земјава е помал од законски предвидениот минимум во 16 од 34 противпожарни единици во земјава. А токму во главниот град Скопје најмногу недостигаат пожарникари. Дури 200 пожарникари се кусок во главниот град, за противпожарната бригада да може да одговори на потребите на граѓаните. Скопската противпожарна бригада има само 190 од потребните 405 пожарникари.
Куманово е во слична состојба. Таму има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот. На Битола ѝ недостигаат 21 пожарникар, а на Тетово 17 пожарникари.

Сепак има и добри единици. Ресен има дури шест пожарникари над законскиот минимум. Гостивар, Струга, Кичево и Делчево имаат по четири пожарникари повеќе.
– Инаку, 34-те противпожарни единици имаат вкупно 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата. Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години. Најстари возила со просечна старост од 39 години има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане – откриваат заклучоците од истражувањето.

ГОЛЕМ БРОЈ ДРУГИ ОПАСНОСТИ

Освен пожарите, високите температури лошо се одразуваат и врз безбедноста во сообраќајот, така што препораките се да се избегнува возење во најжешкиот период од денот, бидејќи топлото време негативно влијае врз концентрацијата на оние што управуваат со возилата, но и на времетраењето на сопирањето поради вжештениот асфалт. Дополнително, возачите налето се многу понервозни, па токму затоа и се почести инцидентите по улиците.

Надлежните исто така препорачуваат внимателно возење поради тоа што сега е сезона на одмори, па многумина во трката да стигнат побрзо до саканото туристичко место, најчесто возат без правење паузи и ненаспани, а жешкото време дејствува врз сонливоста на возачот, па може да се случат инциденти со катастрофални последици.
Температурите над 40 Целзиусови степени може да предизвикаат и проблеми во железничкиот сообраќај, пред сè поради деформации на железничките линии. Имено, француските железници за време на топлотен бран го прекинаа железничкиот сообраќај во некои делови од земјата бидејќи пругите се искривиле.

Најавениот топлински бран, поради кој некои делови на земјата ќе влезат во жолта и портокалова фаза, е доволно предупредување за одговорно однесување на целото општество, од поединците до надлежните служби, бидејќи тоа е единствениот начин за превенција.


Какви се казните за предизвикување пожар?

Според членот 227 од Законот за кривична постапка, насловен „Предизвикување шумски пожар“, за оние што предизвикуваат шумски пожари следува затворска казна од една до десет години.

(1) Тој што ќе предизвика шумски пожар, па поради тоа ќе настане штета од поголеми размери, ќе се казни со затвор од една од десет години.

(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена.

(3) Тој што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.


ОН: Бројот на големи шумски пожари низ светот драстично ќе се зголеми

Уште на почетокот на минатата година, Обединетите нации предупредија дека бројот на големи шумски пожари низ светот драстично ќе се зголеми во наредните децении поради глобалното затоплување, а владите не се подготвени за справување со последиците од уништувањата од таквите екстремни пожари.

Дури и најамбициозните напори за ограничување на емисиите на стакленички гасови нема да спречат драматичен пораст на зачестеноста на екстремните услови на пожари, се наведува во еден од заклучоците во извештајот нарачан од Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).
– До крајот на векот, веројатноста за шумски пожари слични на летото во Австралија 2019-2020 година или огромните пожари на Арктикот во 2020 година, кои ќе се случат во одредена година, веројатно ќе се зголеми за 31-57 проценти – се наведува во извештајот.

Ваквите шумски пожари избувнуваат таму каде што отсекогаш се случувале и се разгоруваат на неочекувани места.
Неодамнешна студија во „Лансет“ заклучи дека изложеноста на чад од шумски пожар резултира, во просек, со повеќе од 30 илјади смртни случаи секоја година во 43 нации, за кои има достапни податоци.

Економските штети во САД, една од ретките земји што ги пресметале таквите трошоци, варираат меѓу 71 и 348 милијарди долари во изминативе години, според процената цитирана во извештајот.