Сведокот Гоце Трајковски во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е осомничен за друго тешко кривично дело и во моментот не е достапен на органите, информираа од Обвинителство.
На брифингот со медиуми во Основното јавно обвинителство, беше посочено дека тој е осомничен за палење на објект во Кисела Вода во кој на горниот кат имало станари. Индикативно е дека настанот за кој е осомничен е неколку дена пред изјавата дека го боли глава за давање исказ пред Судот.
Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски денеска посочи дека две лица, соизвршители на делото за кое е осомничен Гоце се во притвор, а тој моментално не е достапен на органите за откривање и прогон.
– Законот за кривична постапка предвидува читање на исказот даден во истражна постапка доколку лицето не е достапно на органите на прогон. Значи по него се трага и не значи дека така ќе биде. Во моментот може да биде фатен и да си даде исказ во постапката за која е сведок. Но, таа можност постои и е предвидена во ЗКП неговиот исказ даден во истрагата да се прочита цел на главната расправа – посочи Бубевски.
За случајот, за кој се трага по Гоце Трајковски, на сајтот на ОЈО Скопје е објавено, дека се случил на 13 ноември околу 3 часот наутро, при што било опожарено кафуле на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
Во однос на тоа како Гоце Трајковски, како приватно лице шета низ градот и собира снимки за случајот, надлежниот обвинител рече дека тие не се повикани да одговорот, посочувајќи дека снимките се обезбедени на легален начин, со наредба преку МВР.
– Тоа е тој дел за кој ние можеме да зборуваме, а за тоа кој ги давал снимките на физичкото лице не можеме да одговориме – посочуваат од Обвинителството.
Предмет на обвинение, посочи надлежната обвинителка, се дејствијата што обвинетите ги извршиле и штетната последица, кои што се опишани и се на товар на докажување на Обвинителството.
– Точно е дека предмет засега е и делот со користољубие, но бидејќи Обвинителството тргнало со докажување на овој дел како елемент на кривично дело, да бидеме трпеливи и видиме до крајот на судската постапка дали ќе успееме да го докажеме. Со оглед на тоа дека сме поднеле вакво обвинение, Обвинителството смета дека ќе има доволно докази – изјави обвинителката.
Следното рочиште за случајот со убиството на Вања и Панче е закажано за 16 декември. Гоце Трајковски, кој во овој случај е предложен од Обвинителството, според досегашните искази на другите сведоци, заедно со таткото на Вања прибирал и гледале видео снимки од околните објекти.