Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за смртта на неговата сопруга Ивана и нивната ќерка Катја. На денешното рочиште сведочеше Мартин Саздов, кој одговараше на прашања поврзани со односите меѓу обвинетиот и починатите, пренесе МИА.
-Од тој датум кога починаа, како животот да ми застанал. Немам мотив за живот – рече Саздов.
Сведокот објасни дека во 2021 година се запознал со Стојанче во Противпожарната служба, каде што заедно се вработиле. Со текот на времето се зближиле и се дружеле и со неговото семејство – Ивана и Катја, како и со девојката на Мартин. Сепак, нивниот однос се нарушил кога дознал дека Стојанче се гледал со неговата девојка, по што престанале да комуницираат.
-Додека се дружевме, Ивана ја гледав како сестра, како најдобра другарка. Престанавме да се дружиме кога дознав дека се гледал со девојката со која се гледав јас, со мојата девојка, потоа се оттргнав од него. Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме. Мислам дека беше август 2025 година, ми се јави Ивана во 1 по полноќ со плачење и ми рече – извини што ти ѕвонам олку касно, немам на кој друг да се јавам, јас со Катја сум пред Штип, може ли да дојдеш да не земеш, Стојанче не исфрли од кола – сведочеше Саздов.
Тој веднаш заминал да ги земе и ги пронашол покрај банкина, каде што се криеле. Ивана била во многу лоша состојба, исплашена и вознемирена, а и таа и Катја плачеле.
-Рече дека и е страв да оди дома, да не ја тепа пак. Не сакаше ни кај мајка и, за да не ја гледа во таква состојба. Да те однесам дома кај мене, сестра ми е дома, реков – сведочеше Саздов.
Во автомобилот, додека се обидувал да ја смири, Ивана му раскажала што се случило.
-Пробав да ја смирам, ја прашав што се случило. Таа го промашила патот и Стојанче се изнервирал и почнал да ја тепа. Катја ми кажа дека ја удирал главата на Ивана од наслонувачот на седиштето за раката помеѓу двете седишта, Катја покажуваше кон наслонувачот дека ја удирал главата на Ивана. Видов модрици на глава, раце кај Ивана, цела беше искубана и исплашена. Ивана ми кажа дека ги исфрлил од кола како партали и им викал курви, курви мали на Ивана и Катја. Со клоци ја шутирал и реков на Ивана да не зборуваме веќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе зборуваме – раскажуваше сведокот во судницата.
Саздов посочи дека ваквото однесување не било изолиран случај и дека и претходно бил сведок на насилство.
-И пред мене ја има тепано. Му зборев, немој да ја тепаш, не е убаво. Ама бев со врзани раце и не можев ништо друго да направам – рече Саздов.
По настанот кај Штип, тој и Ивана станале поблиски, а таа му доверила дека сака да се разведе и дека се плаши од Стојанче.
-Да, многу – одговори на прашање од обвинителката, дали се плашела Ивана од Стојанче.
-Мартин, не го знаеш каков е, психопат е, ќе не убие. Не можам веќе да издржам, не знам што да правам – му рекла Ивана на Мартин.
Тој раскажа дека често поминувале време со Катја, носејќи ја во игротека, зоолошка и на прошетки, обидувајќи се да внесат нормалност во нивниот живот. Во меѓувреме започнале и љубовна врска. Сведокот опиша и ситуација кога биле следени од Стојанче.
-Се шетавме со Ивана по кеј, Стојанче не следел, излезе пред нас. Стојанче ја извади ташничката и сакаше да се тепа со мене. Му реков да зборуваме смирено. И ти си излегувал со две мои девојки со кои излегував јас додека се дружевме заедно, реков. Потоа отидовме во Автокоманда. Ме праша од каде сум знаел дека се гледа со две девојки мои. Имавме заеднички другар, а Стојанче му кажал нему. Се видовме со него тој другар и се расправавме, се завлековме, разговаравме со повисок тон…Се залета со неговото возило и директно во моето возило од левата страна во пределот на двете врати, потоа дојде полиција, јас не сакав да го пријавам. Му реков дека нема да го пријавам. Ми се јавија потоа, мајка ти е во болница на Кардиологија, брзо отидов таму – посочи Саздов.
Подоцна истиот ден се сретнале повторно за да разговараат.
-Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана, нема што да лажам и да кријам. Стојанче само ја вреѓаше Ивана, кога тројцата се видовме да разговараме. Стојанче викаше, да, сакам да се спасам од оваа курва – одговори тој, кога обвинителката го праша дали Стојанче сакал да се решат работите.
Саздов сведочеше дека Стојанче изјавил дека не ја сака ни својата ќерка, што дополнително ја вознемирило Ивана. Во тој период, Стојанче го пријавил Саздов во полициската станица Ѓорче Петров за наводни закани, што сведокот го негирал и го дал телефонот на вештачење.
Тој додаде дека Стојанче имал односи и со други жени, што Ивана го открила кога го фотографирала со друга девојка на терасата од нивниот стан, по што се обидела да влезе, но не успеала бидејќи бравата била сменета. По смртта на нејзиниот татко, Ивана психички се влошила, но сепак се вратила да живее со Стојанче, најверојатно под притисок.
-Ивана цело време зборуваше, само станот ми остана нешто што е мое, бидејќи нејзините родители ја исклучија од оставинската од татко и поради ситуацијата со Стојанче и ми кажа дека сакала само да си го врати дарот од станот, дека без тоа ќе остане на улица – сведочеше Саздов.
Сведокот посочи дека Ивана имала и финансиски проблеми, за кои тврдеше дека биле резултат на притисок од Саздов.
-Ми рече Стојанче ја натерал да извадат од нејзината кредитна картичка околу четириесет илјади денари, не знам дали од кредитната или точно од каде ја натерал да изваде пари, јас и реков ајде да одиме да платиме, таа не сакаше да земе пари од мене – сведочеше Саздов.
Тој исто така потврди дека обвинетиот користел дрога.
-Консумирал, откако го знаел – одговори тој на прашање.
Неколку дена пред 2 март, Ивана му открила нови детали за насилството што го трпела.
-Ивана ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе си дошол дома издрогиран ја тепал пред Катја, се заканувал, јас тоа не го знаев, таа ми го кажа тоа пред 2 март. Неколку дена пред 2 март се видовме и беше целата во модрици. Ја молев да си оди кај мајка и. Таа ми викаше само сакам да си го вратам дарот од станот – сведочеше Саздов.
На крајот, сведокот откри дека Ивана била уценувана со објавување експлицитни видеа, што дополнително го зголемило нејзиниот страв.
-И се заканувал Стојанче на Ивана со видеа дека ќе ги објави јавно, помеѓу мене и нејзе и помеѓу него и Ивана. Со каква содржина? Експлицитни видеа, тој сакал да ги објави јавно, да ја посрамоти. За тоа и беше највеќе страв. Ми викаше каква слика ќе биде тоа за мене како родител на Катја – сведочеше Саздов.

































