Фото: ЦУК / Илустрација

Пожарот кај Богданци кај местото Брдаров камен, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева, е локализиран и ставен под контрола, но на одредени места се распламтува, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот го гаснат шеесетина пожарникари и тимови на „Национални шуми“ и комуналното претпријатие на Богданци, кои со брзата интервенција не дозволуваат пожарот да се прошири.

И градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов потврди дека пожарот е локализиран, но екипите се уште се на терен и внимаваат да не се разгори на нови места.

-Засега пожарот е локализиран и ставен под контрола, но критично е во наредните неколку часови. Доколку не се појават нови жаришта, пожарот ќе биде целосно изгаснат – изјави Шапов.

Според него, пожарот вчера почнал да се шири од пониските делови на овој терен каде се наоѓаат обработливи површини и тој се сомнева дека причина за пожарот е човечки фактор.

Опожарени се околу 500 хектари нискостеблеста деградирана шума и сува трева. Пожарот вчера помина низ ветерниците над Богданци без да предизвика штета на нив.