Фото: Царинска управа

Царински службеници на граничниот премин Граничен премин Блаце спречиле обид за криумчарење на 120 килограми тутун за наргиле, наменет за продажба на пазарот во Северна Македонија.

Како што информираат од Царинска управа на Северна Македонија, тутунот имал вкупна вредност од 384 илјади денари, а со неговото откривање е спречена нелегална трговија со акцизна стока и избегнување плаќање давачки во износ од 744 илјади денари, од кои 342 илјади денари се однесуваат на акциза.

Против лицето Ф.Б., државјанин на Северна Македонија, Одделението за истраги при Царинската управа поднело кривична пријава за кривично дело „криумчарење“, согласно Кривичен законик на Северна Македонија.

Според информациите од Царината, лицето набавило 480 пакувања тутун за наргиле од по 250 грама од лице во Приштина и ги сокрило во багажникот на возилото. Дел од производите биле сместени во просторот за резервна гума, додека останатите биле покриени со прекривка.

При влез во државата, на прашањето на царинските службеници дали има нешто за пријавување, лицето одговорило дека нема. Поради сомневање во изјавата, била извршена детална контрола, при што биле пронајдени непријавените тутунски производи.

Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годината се откриени четири случаи на кривични дела поврзани со криумчарење и нелегална трговија со тутунски производи, за кои се поднесени соодветни кривични пријави до надлежното обвинителство.