Сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова денеска во Кривичниот суд беше прогласена за виновна дека сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари за центрите за дијализа „Диамед“, и доби условна казна од две години затвор.
– За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, Судот утврди казна затвор од една година и три месеци, и за кривичното дело перење пари – една година и три месеци затвор. Согласно 44 од КД од сторените кривични дела, на обвинетата и утврдува единствена казна затвор од две години, па согласно одредбите од членовите 48, 42 и 50, единствена казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од пет години сметано од денот на пресудата, не стори ново кривично дело – наведе во изречувањето на пресудата судијата Илија Трпков.
Иванова беше обвинета дека како управител со умисла и на незаконски начин, продавајќи ја фирмата и без да го извести Министерството за здравство, ја предала лиценцата на шведски „Диаверум“.
Таа се товари за злоупотреба на службената положба и за перење пари во вкупен износ од 11 милиони и 500 илјади евра.
Процесот започна во септември 2021 година, а судењето го водеше судијата Илија Трпков.