Молк, тага и болна тишина. Вака може да се опише денешниот собир на плоштадот „Македонија“, во знак на почит за трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Голем број граѓани се собраа на скопскиот плоштад, каде со ѕвездено небо и 16 минутен молк изразија сочувство.
Низ транспарентите како „Народот страда додека системот одмара“, „Грутка во грлото, солзи во очите, не сте сами“, „Корупција пали, невини горат“, „Заради гнилиот систем, гниеме млади“, „Рекордери во денови на жалост“, „Младината ни изгоре во корупциски казан“, „Од алчност децата ги претворивте во пепел, а родителите ги завивте во црно“, „Сите години молчење завршуваат со едноминутен молк“, граѓаните го искажаа својот револт и повик на одговорност.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што избувна за време на настапот на музичкиот бенд „ДНК“ на 16 март загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.