Доказите во процесите против криминалните кланови, групи и организации денес во голем дел се обезбедуваат со помош на модерните електронски технологии. Но тоа не значи дека нема и други ефикасни антикриминалистички форми и методи. На пример, прикриените полициски службеници, популарно наречени андеркавер-агенти, сѐ уште се активни и не заминале во историјата. Тие се полициски службеници што во криминалните организации се уфрлаат со изменет идентитет, кој полицијата им го обезбедува за подолг временски период

ТАЈНИ АГЕНТИ ИНФИЛТРИРАНИ ВО КРИМИНАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Она што во јавноста е помалку или повеќе познато е токму тоа дека таканаречените тајни агенти работат затскриено, инфилтрирано во криминалните организации заради обезбедување материјални докази и процесирање на криминалците. Тајните агенти не се експонираат, ја чуваат својата мисија како што го чуваат сопствениот живот. Има случаи кога, по потреба, тие реализираат и криминални дела за да докажат дека се од другата страна на законот, стекнувајќи ја довербата на криминалната организација.
Денес доказите во процесите против криминалните кланови може да се обезбедат главно со помош на модерните електронски технологии, но тоа не значи дека прикриените андеркавер-агенти заминале во историјата. Токму во случаите во кои нема видливи докази, најпотребни се тајните агенти. Тие се полициски службеници што се уфрлаат во криминалните организации со изменет идентитет, кој полицијата им го обезбедува за подолг временски период.
Заради податоците што ги собираат како „лојални членови“ на организациите, тие и понатаму претставуваат скапоцени „кртови“ за полицијата, иако јавноста за нив не знае и не треба да знае.

ИНФИЛТРАЦИЈА ВО СУРОВИОТ ЖИВОТ И РАБОТА НА КРИМИНАЛНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Во американската практика, карактеристично е прикриените агенти да се инфилтрираат во криминалните групи и организации на многу долг период, така што претставуваат некој вид „разузнавачи во подземјето“. Сето тоа е проследено со огромни ризици не само да бидат откриени туку и во реалноста тешко е замисливо тие во текот на долгогодишниот престој во криминалната организација да не посегнат и самите по одреден вид криминал за да не бидат откриени. Таквите случувања најчесто се толерирани од страна на полицијата, заради откривање поголеми кривични дела.
Според експертите, таквите тајни агенти не се исти со полицајците што учествуваат во правни работи што спаѓаат во краткорочни активности на тајни агенти провокатори и кои имаат цел да обезбедат одредени материјални докази, како документи, вредносни документи, пари, фотографии, видео, аудио и електронски записи.
Вистинските тајни агенти, всушност, се во огромен ризик, но затоа нивното инфилтрирање во криминалните групи и организации е многу внимателно и до детали испланирано, па честопати се преземаат некои активности што од полицаецот ќе направат ситен престапник и пред да се поврзе со криминалните организации. Тоа се ситуации што за нас, обичните граѓани се познати само од холивудските филмови. За таквите ситуации сепак многу малку се знае во реалноста.
Агентот вообичаено собира податоци на дискретен начин. Информациите до кои доаѓа најчесто не можат да се добијат со помош на други методи, а многу се значајни не само за откривање на кривичните дела туку и за обезбедување докази и разјаснување на улогата во делото од страна на осомничениот.
Во некои случаи агентот може да ѝ помогне на полицијата да спречи реализација на одредено криминално дело, но некогаш не е во можност и самиот да ја избегне криминалната задача.
Во Германија, на пример, улогата на полицаецот со прикриен идентитет е дефинирана дека е „на работ на легалното“, особено кога станува збор за ситуација во која тој не спречува реализација на некој криминален чин на групата во чиј состав е. Напротив, тој не ѝ помага на полицијата, бидејќи на тој начин ќе се стави себеси и својата задача во ризик да биде откриен. Можни се и ситуации во кои самиот агент е принуден да направи одредено кривично дело. Во тој случај, кога агентот е принуден да направи одредено криминално дело, полицијата го применува механизмот на крајна нужда.

ШТО ЗНАЧИ ДАВАЊЕТО ЦЕЛОСНО ДРУГ ИДЕНТИТЕТ

На тајните агенти во многу држави под другото име и презиме, со кое им се познати на криминалците од организацијата во која заедно учествуваат, им се дозволува да бидат дел од правниот сообраќај, така што потпишуваат договори, се запишуваат како сопственици на недвижности, основаат фирми, пријавуваат место на живеење и регистрираат возила. На тој начин тие знаат како другите членови на организацијата ги перат нелегално стекнатите пари, а во некои случаи дури и заедно инвестираат со криминалците.
Во соседна Србија, пак, во судската практика, забележани се жалби на обвинетите дека биле поттикнати да реализираат некое криминално дело од страна на агентите провокатори.
Во некои случаи обвинетите тврделе дека никогаш не би зеле мито доколку агентот не им го понудел.
– Ангажирањето таен агент во Србија се реализира на основа на наредба од страна на судија од посебно одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград, а по предлог на обвинителот за организиран криминал. Кога податоците од кривичната постапка ќе се добијат на тој начин и во согласност со сите други детални одредби од Законот за кривична постапка, тогаш на тие докази може да се заснова и пресудата на судот. Значи, станува збор за докази што не се добиени на незаконски начин. Агентите провокатори во Србија решиле многу случаи на трговија со дрога и експлозивни направи. Особено е значајна нивната работа на случаите со меѓународен организиран криминал, а во последно време случаите на кои работат не се само трговија со дрога и перење пари туку и трговија со луѓе и тероризам.

ИМА ЛИ МАКЕДОНИЈА ТАЈНИ АГЕНТИ

Според професорот по казнено процесно право, проф. д-р Атанас Козарев, терминот таен агент е распространет кај граѓаните и влече корења од постоењето на поранешните служби за безбедност во едноумието, но тој се среќава и денес.
– Но денес се среќаваат и понови термини, како што се агент провокатор или легендирано лице во колоквијална смисла. Нормативно, се работи за лица со прикриен идентитет за следење и собирање информации или податоци како посебна истражна мерка предвидена во членот 252 т. 9 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Користењето лица со прикриен идентитет најчесто е во комбинација со друга посебна истражна мерка, во зависност од тоа за какво кривично дело станува збор. Најчесто лицата со прикриен идентитет се користат за собирање податоци или информации, односно докази за случаи на злосторничко здружение (на пример, дејства на симулиран откуп, симулирана продажба на дрога или кога тој се инфилтрира во криминална организација итн.) – потенцира тој.
Козарев вели дека овие лица учествуваат симболично во активностите на злосторничкото здружение (преговараат, на пример, за цената или друго). Иако овие дејства влегуваат во областа на членот 24 од ЗКП, до овде тие немаат одговорност.
– Во случај со моделот на користење на овие лица во нашата кривична постапка, важно е да се напомене дека во првата фаза овие лица сите информации и извештаи за нивниот ангажман ги доставуваат до човекот врска (хендлер), а тој ги доставува до јавниот обвинител (ова се применува како мерка за заштита на лицето со прикриен идентитет, додека извештајот се користи стартно за да се утврди дали уште има потреба од негово користење). Во следната фаза, прикриениот истражувач дава исказ пред јавниот обвинител (втора компонента за негова заштита), а дури на крајот се појавува како заштитен сведок. Користењето лица со прикриен идентитет како мерка е во исклучителни случаи и морам да потенцирам дека нивното користење не значи дека тие може да наведуваат на кривично дело, да поттикнуваат некое лице да стори кривично дело во согласност со членот 254 ст. 1 од ЗКП. Со овој член се става рамка до каде може да дејствуваат овие лица и истовремено се потврдува дека клучен принцип и во оваа област претставува владеењето на правото – вели професорот.


Агент на ФБИ шест години во „служба“ на „Коза ностра“

Еден од најпознатите тајни агенти во САД бил Џозеф Пистоне од ФБИ, кој од 1975 до 1981 година бил инфилтриран во њујоршката фамилија Бонано. Таму бил прифатен како вистински член на „Коза ностра“ и бил распореден во бандите на еден од шефовите.
Во текот на тие шест години, Пистоне успеал да собере докази за секојдневните активности на криминалната организација, а најважните информации биле за контактите со другите организирани криминални групи. По завршувањето на неговата работа, осудени беа повеќе од сто злосторници на кривични дела.
Меѓу оние што биле осудени на основа на доказите од американскиот агент биле обични членови на банда, но и босови на највисоки позиции. Доколку тајната задача траела кратко, не би биле собрани потребните докази со чија помош целата „фамилија“ била изведени пред лицето на правдата.