Фото: принтскрин

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов добил закана по живот од вработен во Општината. Инцидентот се случил во текот на вчерашниот ден. Сторителот е познат на полицијата. Јорданов денеска пред новинарите потврди дека вчера инцидентот го пријавил во полиција.

-Не би сакал да навлегувам во деталите, за да не влијаам во постапката. Верувам во институциите на системот, сето она што е пријавено СВР-Штип го има веќе како детали. Станува збор за вработено лице во Општина Штип, кое во минатото е познато на полицијата по вакви случки. Така што оставам на институциите на системот да ја утврдат состојбата – вели Јорданов.

Прашан дали освен вчера и завчера имало инцидентот во неговиот кабинет, Јорданов со одговор дека деталите ги има СВР-Штип. Инаку на штипската јавност вработениот во општинската администрација и е познат по тоа што пред неколку години исто така се има заканувано на еден од градоначалниците на Општина Штип.

Секторот за внатрешни работи-Штип во писмено соопштение до медиумите потврдува за инцидентот и заканите кои ги добивал градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов од лицето Ј.М. вработен во Оштина Штип.

-На 21 март во 22:45 часот во Полициската станица Штип, И.Ј.(35) – градоначалник на Општина Штип, пријавил дека Ј.М. од Штип, вработен во Општина Штип, во неколку наврати во последните неколку месеци му упатувал закани. Според пријавеното, околу 19:40 часот гумите на службеното возило, кое го користел И.Ј., од страна на Ј.М. биле исечени. Се работи на расчистување на случајот – се вели во соопштението на СВР-Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов денеска пред медиумите потврди дека иницидентот и заканите ги пријавил во полиција. Според Кривичниот законик сторителот на заканите се соочува со кривично дело загрозување на сигурност, а затворската казна се движи од три месеци до три години.